Прекрасен гол на Кристијан Трапановски против Ренџерс и Миовски на гости

Ренџерс одигра ново, дури шесто реми во домашното првенство и е на изненадувачко шесто место на табела. Во се-македонскиот дуел меѓу Бојан Миовски и Кристијан Трапановски Ренџерс и Данди Јунајтед одиграа 2-2 и поделија по бод. Битолчанецот постигна прекрасен гол за делириум меѓу гостинските навивачи.

Кристијан Трапановски беше јунак на Данди Јунајтед на освоениот бод против Ренџерс на гости на култниот стадион „Ајброкс“. Бојан Миовски одигра цел натпревар но не постигна гол.

Домаќините први поведоа преку Азгард во 25' минута. Данди Јунајтед израмни во 66-та минута со прекрасниот гол на Кристијан Трапановски кој само неколку секунди претходно влезе во игра.

Тој доби жолт картон зошто го соблече дресот.

Гостите дури и поведоа во 75-та минута со уште појак гол на Крег Сибалд, а Ренџерс се спаси од нов срам со погодокот на Таверние во 87-ма минута за конечни 2-2. Ова беше шесто реми на Ренџерс во шкотската Премиер лига сезонава.

Радоста на гостите по голот на Трапановски:

Дваесет и шест годишниот Битолчанец кој има два настапи за репрезентацијата на Македонија, игра како крилен напаѓач за Данди Јунајтед.

Тој сезонава има 4 настапи и 1 гол за шкотскиот тим.

19 октомври 2025 - 09:48