Прекинат меч на Ајакс, голманот на РКЦ реанимиран на терен

Потресни епизоди имаше на натпреварот РКЦ Валвејк - Ајакс во холандската Ередивизија. Во 85' минута од мечот во самиот финиш при водство на гостите 2-3, голманот на домаќините Етиен Васен изгубил свест по силен судир со напаѓачот на Ајакс Брајан Броби.

Потресната сцена со 28-годишниот голман потсети на драмата со Кристијан Ериксен на Евро 2021 кога Данецот ненадејно падна и колабираше во Копенхаген.

Играчите на РКЦ Валвејк и Ајакс се собраа околу Васен синоќа додека медицинскиот тим на домашната екипа интервенираше. Голманот Етиен непомично лежеше на тревникот, лекарите користеа дефиблиратор а играчите се држеа за глава во шок.

Редарите веднаш донеле ќебиња и други ткаенини за од почит да ја сокријат непријатната сцена. На голманот му помагале лекарите дури и оние стручни лица кои се нашле на стадионот.

После околу шест-седум минути голманот Васен го изнеле од теренот на носилки. Според наводите, голманот Етиен Весен бил во свесна состојба кога го префрлале во медицинско возило на пат кон болницата.

Локалната новинарка Ивон ван Бек прва соопштила дека голманот се освестил и дека бил во свесна состојба додека го внесувале во возило но дека не памтел што се случило и не можел да каже каде се наоѓа.

Мечот РКЦ Валвејк - Ајакс и офиицјално беше прекинат во 86' минута од мечот при резултат 2:3 за гостите.

Дваесет и осум годишниот Етиен Весен пораснал во академијата на матичниот РКЦ Валвејк и веќе осум години е дел од првиот тим. Неодамна кога потпишал нов договор изјавил:  „Сакам да играм тука до педесет години. Моето семејство е среќно тука. Го живеам сонот. За клубот сум спремен да направам сè“.

Добри вести подоцна вечер во саботата соопштил извршниот директор на РКЦ Валвејк Франк ван Моселвелд кој им рекол на новинарите: „Се освести и го однесоа во болница. Етиен беше во аут едно време. Голем комплимент до медицинскиот тим кој веднаш го следеше протоколот и започна реанимација. Беше шок за сите присутни зошто веднаш помислуваш дека е нешто со срцето. Не изгледа дека е до тоа“.

Откако беше соопштено дека натпреварот е официјално прекинат, играчите на РКЦ Валвејк се вратија на теренот да им аплаудираат на навивачите за хуманата реакција. Некои од домашните фудбалери биле во солзи а најпотресен бил стоперот Дарио ван ден Бујс кого го тешел центарфорот Михиел Крамер.

1 октомври 2023 - 07:52