За ретко кој фудбалер мислењата беа поделени како за некогаш младиот Никлас Бендтнер. Висок, слаб како гранка но силен во дуел, Данецот беше предводник на еден нов бран деца на Арсен Венгер.
Во времето кога „Топџиите“ немилосрдно штедеа пари и не трошеа за играчи поради изградбата на новиот стадион, Бендтнер се нудеше како решение за проблемите на Арсен во нападот. Некои навивачи беа спремни слепо да поверуваат во оваа замисла, а други играа мајтап со таквата идеа.
Самиот Никлас, нормално, веруваше во сопствените можности. Позната е неговата изјава за Дејли Мејл каде себе се нарече еден од најдобрите напаѓачи на светот.
Тоа беше пред шест години, во 2010-та. Денес, кариерата на Бендтнер е во некоја сосема поинаква фаза. Го загуби местото во шпицот на Арсенал чии навивачи немаа нерви да го трпат со очајните настапи. Од тогаш тргнаа неговите позајмици. Отиде прво во Сандерленд, па во Јувентус, но не се прослави ниту таму ниту во Бундеслигата со Волфсбург.
Пред неколку недели данскиот репрезентативец неочекувано потпиша со Нотингем Форест со што го потврди својот драстичен пад од богатите емирати до средината на табелата во понизок ранг на натпреварување.
Најголемиот проблем на Бендтнер е ефикасноста. Игра шпиц а даде само осум голови на 30 меча за Сандерленд во 2011/12. Во Торино имаше голема нила на 11 настапи, но и покрај тоа освои титула. Во Волфсбург одигра 47 средби и само 9 пати ја погоди мрежата.
Во целата фама околу тоа колкаво „дрво“ е Данскиот фудбалер помалку се забележува една сериозна маана. Лошата форма некако ќе ја среди, но хроничната недисциплина е нешто друго.
Додека играше за Сандерленд го уапсија под сомнение дека кршел паркирани автомобили, но на крајот куртули од обвинение. Во Јувентус му замеруваа на вишокот килограми. Непосредно пред да замине од Арсенал му се заканувал на некој таксист во Копенхаген кој тврдел дека фудбалерот го откопчал шлицот и му го покажувал полниот орган. Во Волфсбург правеше најмногу казни, клубот го отстрани од првиот тим а после и раскина договор со него.
Бендтнер отсекогаш важел за инспирација за илјадници интернет комедијанти и е предмет на потсмев. Во Арсенал од „нигде никаде“ стана култна фигура и го завикаа „Лорд Бендтнер“ поради неверојатната егоцентричност. Се спомнува дека е во ист филм со Ебуе, Жервињо и Фримпонг кои повеќе се паметат како циркузанти отколку сериозни фудбалери.
Во времето кога се пробиваше во првиот состав на Арсенал, Данецот играше за клубот кој најмногу се потпираше на млади играчи. Имаше совршени услови и неограничен број на шанси.
Едно време делуваше дека ќе успее, некои лесно ги заборавија неговите убави голови со глава после корнер против Тотенхем кој и натаму е најбрзиот гол на играч влезен од клупата во Премиер. Потоа евроголот против Блекбурн следната сезона или хет-трикот против Порто во ЛШ. Сите тие голови ги постигна пред да наполни 21. година и со право го сметаа за голем талент.
Неговиот проблем беше преголемото излагање во јавноста. Практично цел тим беше составен од млади незрели луѓе кои имаа статус ѕвезди. Сеск Фабрегас и Вилијам Галас беа најстар меѓу нив, така што Бендтнер немаше на кого да се угледа и залута на погрешен пат.