Навивачите на четири големи клубови ова лето плачат. Си заминаа Чави од Барселона, Џерард од Ливерпул, Швајнштајгер од Баерн и Касиљас од Реал Мадрид. Веќе се поретко гледаме луѓе како Малдини, Тоти, Гигс за кои во кариерата постои само еден дрес.
Поминаа 28 години откако Стивен Џерард одигра натпревар за клуб, а тоа да не е Ливерпул. Почна во школата во 1987-ма и остана верен до 35 години. Црвените не му го продолжија договорот и тој фати авион за САД.
Откако Енфилд Роуд се збогуваше со својот ас, Каталонија се поздрави со човекот кој го изгради неприкосновениот тики-така стил на Камп Ноу. И тој си замина на 35 години, но по взаемната пријателска спогодба.Чави ќе игра во Катар, но на заминување рече дека еден ден ќе се врати во Барселона.
Речиси насила во еден ден со своите клубови се разделија две легенди. Навивачите на Реал го нарекуваат својот голман Свети Икер. Прво имаше проблеми со Мурињо кој често го оставаше на клупа, а сега беше принуден да оди во Порто по 25 години престој во Мадрид.
Слична приказна доживеа и Бастијан Швајнштајгер кој си замина од Минхен по 17 години и 22 освоени трофеи. Борецот од средниот ред ќе добие првотимски статус во Манчестер Јунајтед, за да не биде резерва кај Гвардиола кој претходно испушти и еден Тони Крос.
Четворицата гиганти се симбол на верност, но не се рекордери. Човекот со најдолг стаж во еден клуб се вика Томас Шаф. Тој беше во Вердер Бремен од 1972 до 2013 година. За време на тие четири децении, играше во младинската школа, вториот па првиот тим, а потоа продолжи како тренер на У17, У19, асистент тренер, па тренер на вториот и на крај на првиот тим кој го водеше од 1999-та. Минатата сезона за прв смени клуб и седна на клупата на Ајнтрахт Франкфурт.
Нешто помалку од него е заедничкиот живот меѓу Борусија Дортмунд и Михаел Цорк. Тој влезе во школата на клубот во 1978 година, освои Лига на шампиони во 1997-ма и по 17 години во Бундеслигата сега е спортски директор на клубот.
Историска верност имаа и Малдини и Милан која траеше 31 година, од 1978 до 2009 година. Малдини освои 26 трофеи од кои 8 Скудета и 5 титули во ЛШ, а се пензионираше на 41 година. Сè уште го држи рекордот со најмногу настапи за Милан (902) и најмногу настапи во Серија А (647).
Четвртвековната ера на Фергусон во Манчестер Јунајтед роди двајца верни легенди, Рајан Гигс и Пол Сколс. Пред да замине на Олд Трафорд, како дете Велшанецот беше две години во градскиот ривал Сити, а потоа 3 години во академијата и 24 години играч на Јунајтед. Тој е рекордер со 963 настапи за Јунајтед и 13 кратен првак на Англија. Сега му е помошник на Ван Гал.
Две години по Рајан, во 1993 година во составот на Манчестер влегува Сколс и тој затоа има две титули помалку од својот голем пријател. Сега е тренер во младинската академија на клубот.
Еден од кавалерите на верноста е и Клаус Аугенталер. Дефанзивецот во 1977 година почна во школата на Баерн и играше до 1992-ра. Потоа продолжи како помошник тренер уште пет сезони и си замина по точно 20 години стаж во еден клуб.
Во Реал Мадрид имало многу голгетери, но Раул Гонзалес е еден. Тој е рекорден во историјата на клубот со 741 настап и 323 голови, а Лигата на шампионите ја освои три пати. Слично како Гигс, пред да игра во младинската школа на Реал, почна во градскиот ривал Атлетико. Во 2011-та ја доживеа судбината на Касиљас кога се почувствува непотребен. Замина во Шалке, а сега е во Њујорк Космос.
"Еден кавалер никогаш не ја остава својата дама", рече Алекс Дел Пјеро, кога Јувентус беше исфрлен во Серија Б поради наместени натпревари. Во втора лига Дел Пјеро постигна 20 голови и ја врати Дамата во елитата. Во 2012-та одлучи да оди во Сиднеј.
Еднаш вљубен, засекогаш вљубен. Такви се односите меѓу навивачите на Рома и Франческо Тоти. За него тие велат „Нема Тоти, нема забава“ и на секој меч вадат транспаренти со карикатура од неговиот лик. Тој не освои многу трофеи, но е засекогаш “римски волк“ кој влезе во академијата на Рома во 1989 година, почна да игра за прв тим во 1992-ра и сега е втор стрелец во историјата на Серија А со 243 голови.