Поединци повикуваат да не се игра баражот за Светско меѓу Русија и Полска

И покрај тоа што пред само два дена, во шпанска Марбеља која важи за идеално место за подготовки се сретнале селекторите на Русија и Полска, Валериј Карпин и Часлав Михневич и во срдечна атмосфера разговарале за претстојниот полуфинален бараж за пласман на Светско првенство, сè погласно се заговара одложување на овој меч поради затегноста на односите меѓу Русија и Украина.

На 24 март додека Македонија ќе игра против европскиот шампион Италија во Палермо во полуфиналето од баражот за пласман на Мундијал 2022, Русите ќе ја пречекаат Полска во Москва. Барем така е предвидено според ждрепката на УЕФА.

Но за сега не е сигурно дека мечот ќе се игра. Русија и Украина веќе неколку недели се на раб на отворен воен судир, а евентуална ескалација на војната би можела да се одрази и на фудбалската слика на Европа.

Некогашниот прв човек на фудбалскиот сојуз на Полска Михал Листкјевич тврди дека полската јавност, посебно онаа фудбалската во оваа земја не би требала да мижи и да се прави како ништо да не се случува.

„Мислам дека мечот во тој случај не би се играл во Русија, можно е и ФИФА да одлучи да се игра на некој неутрален терен“, рекол меѓу другото на прашањето што ќе биде со баражот ако избие војна меѓу Русија и Украина.

„Не мислам дека Русија би ја исфрлиле од Светско првенство поради тоа, со оглед на тоа што веќе имаше случаи Русија да ги напаѓа Донбас и дел од Украина. Тогаш исто немаше санкции, па не би требало ни сега“.

Листкјевич потсетува и дека неодамна имаше судир меѓу Ерменија и Азербејџан но дека фудбалските репрезентации и на двете земји играа во разни квалификации.

Новинарот Кжиштоф Становски од Kanał Sportowyja смета дека полските репрезентативци би требало да го бојкотираат баражот во Москва а поддршка во оваа идеја му дале уште неколку колеги од спортските медиуми.

„Лично сметам дека не би требало да патуваме во Москва на 24 март. Но веројатно ова би требало да биде одлука на државно ниво која далеку ја надминува надлежноста на Фудбалскиот сојуз на Полска“, напишал тој.

 Во вторник министерот за спорт на Полска, Камил Бортничук на прашање од полското Radio 24 дали полските фудбалери би требале да одат во Москва на 24 март на плејоф мечот за пласман на СП во Катар, рекол дека и пред Полскиот фудбалски сојуз и пред УЕФА и ФИФА „има многу тешки одлуки кои треба да се донесат“.

„Навистина, ако се воведуваат санкции на Русија, не гледам причина да не се вклучи и некој вид остракизам, односно социјална исклученост и за руските спортисти. Тоа се, секако, одлуки на сојузите за кои зборував“, рекол министерот за спорт на Полска.

22 февруари 2022 - 09:35