Поддршка за Парма од Македонија и во втора лига

Култниот италијански клуб за жал сезонава се наоѓа во второлигашко друштво, но тоа не е никаква пречка да не добие поддршка од тие што вистински го сакаат. Викендов гостуваа, тепаа убедливо со Џиџи на голот, а на трибина македонско знаме.

Парма го совлада Порденоне 0:4, мал клуб од северна Италија кој сезоната 2019/2020, за прв пат стапна во Серија Б. По три кола Млекарите имаат две победи и едно реми.

На трибина, во градчето со 33.000 жители се најде и македонско знаме, ама мангупски бојадисано во боите на Парма.

Поддршката не треба да ве изненади, бидејќи се работи за Parma Fans Macedonia, најверната навивачка група од Македонија која навива за клубот, кој во 90-те беше дел од таканаречените „Sette Sorelle“ (Седумте сестри).

Тоа се Јувентус, Милан, Интер, Рома, Лацио, Парма и Фиорентина. 

Знамето стоеше закачено на трибина во балканско друштво кое ја поддржува Парма.

Не им е прв пат.

Инаку сезонава капитен на Парма е Буфон кој им се врати по точно 20 години. Беше член на Парма од 1995-та до 2001-ва и таму ја почна кариерата.

Всушност тој е дете на Парма каде почна да тренира на 13 години, прво како играч од среден ред за да премине во голмани и да стане светска легенда која во јануари ќе наполни 44 години.

Какви играчишта играа во Парма е класика муабет кој не умира, посебно по трофејната 1999-та, кога бандата на Алберто Малезани му донесе на клубот Куп на Италија, Супер Куп и Куп на УЕФА.

Буфон, Турам, Канаваро, Верон, Креспо, Киеза, Сенсини, Фузер, Баџо, Асприља, Фиоре...

Носталгија.

13 септември 2021 - 09:26