Еден од најголемите борци на теренот, омилен фудбалер на Иброкс во Глазгов и поранешен холандски репрезентативец, Фернандо Риксен на 30. октомври во 2013-та година ја шокираше јавноста кога во една емисија во Холандија призна дека боледува од смртна болест.
На 2 ноември истата година во Холандија излезе автобиографијата на Фернандо Риксен под наслов „Духот на борецот“. Поранешниот холандски фудбалер во својата кариера го освои Купот на УЕФА со Зенит. Последните денови од кариерата ги мина како фудбалер на Фортуна Ситард, каде што се врати од Санкт Петербург. Таму беше и член на стручниот штаб пред болеста и конечно да го раздели со фудбалот.
По воведниот говор во споменатата емисија, јунакот на книгата Фернандо Риксен почнал да зборува со потешкотии. Наскоро го сменил изразот на лицето и исплашен не можел да изговори ниту еден збор. Зад него седел неговиот биограф, новинарот Винсент де Врис кој на инсистирање на Риксен објаснил дека фудбалерот боледува од Амиотрофична латерална склероза.
Студиото занемело за момент, а потоа аплауз за поддршка на Риксен кој пред малку признал дека е смртно болен.
„Лекарите велат дека мојата состојба рапидно се влошува. Не знам веќе ни самиот“, изјави Риксен во таа прилика.
Оттогаш до денес во негова чест се организираше хуманитарен натпревар на стадионот на Глазгов Ренџерс во Шкотска, а на неодамнешниот избор за играч на годината, најголемите светски фудбалски ѕвезди го поддржаа Риксен. Меѓу нив Кристијано Роналдо, Меси, Нејмар, Дани Алвеш.
„Ваквата поддршка ми дава сила. Благодарам за уникатната вечер. Со нив се почувствував себе како крал“, изјави Холанѓанецот на манифестацијата во Цирих.
Фудбалските ѕвезди се потпишуваа на топки со семејството на Риксен, а тие ќе бидат продавани преку сајтот theremandoshirt.co.uk. Собраните средства ќе одат во фондот за лекување на Риксен.