Почнува Лига на шампиони, од старт мега дуели ширум Европа

На средина од месец септември започнува најдобриот елитен фудбал во Европа, луксузната Лига на шампиони која за последен пат ќе игра во досега познатиот формат. Од следната сезона ќе се гледа сосема друг формат.

Првото коло се игра вечерва и утре (среда) вечер. Следнте кола од групна фаза се на 3-4 октомври, 24-25 октомври, 7-8 ноември, 28-29 ноември, 12-13 декември.

По два тима од секоја група ќе обезбедат пласман во осминафинале за кое ждрепката ќе биде во декември месец, а третопласираните тимови ќе продолжат во Лига Европа.

Големото финале на Лига на шампиони е закажани за 1. јуни на „Вембли“ во Лондон.

Фаворит број 1 за пехарот во ЛШ е актуелниот шампион Манчестер Сити, а според обложувалниците после тимот на Гвардиола најголеми шанси им се даваат на Баерн Минхен, Реал Мадрид, Арсенал, Барселона, ПСЖ и Манчестер Јунајтед.

ГРУПА А

Standings provided by Sofascore

Баерн Минхен е главен фаворит во оваа група но изданијата од минатата сезона делумно ја разнишаа самодовербата на Баварците кои играа топло-ладно цела година па на крај обелија образ со титула во Бундеслига.

Со осцилации игра и Манчестер Јунајтед кој минатиот викенд доживеа дебакл 1:3 дома од Брајтон, но сепак Манчестер е Манчестер и не би требало да чуди доколку се вмеша во борба и за првото место во оваа група.

Ќе биде интересно да се види како ќе одигра Хари Кејн во дресот на Баерн против клубот кој со години го сонуваше но не го доведе.

Во оваа група се уште и Копенхаген и Галатасарај. Данците од година во година играат еврокупови и може да бидат „нагазна мина“ некому, а турскиот првак се надева во атмосферата на нивниот стадион и во Вилфред Заха, Мауро Икарди и Дрис Мертенс.

ГРУПА Б

Standings provided by Sofascore

Можеби најинтересна и најнеизвесна група од сите во Лига на шампиони. Арсенал прерасна во една од најдобрите екипи во Премиер лига и лани за малку не ја освоија титулата. Но овој тим нема големо европско искуство, па оваа група им дава шанса да направат резултат и во еврокуповите.

Севиља е веќе „стар прекален лисец“ во Лига на шампиони и Лига Европа така што заедно со Арсенал се фаворити за едно од првите две места. Севиља интересно влезе во ЛШ преку Лига Европа каде повторно го освои пехарот. Во Ла Лига завршија на 12. место.

ПСВ Ајндховен и Ленс се мошне сериозни екипи кои и тоа како може да им замрсат сметки на гореспоменатите. Особено холандскиот тим кој одигра сјајни во квалификациите за ЛШ. 

ГРУПА Ц

Standings provided by Sofascore

Иако Реал Мадрид остана без Карим Бензема на место кого дојде 32-годишниот Хоселу, центарфор од Еспањол со искуство во шпанска Ла Лига, „кралскиот клуб“ очекува добра сезона.

Реал ќе игра и без Винисиус Жуниор кој е отсутен поради повреда. Наполи според обложувалниците е тим кој може да му парира на Реал во групава, но не треба да се занемарат ниту Брага и Унион Берлин.

Португалскиот состав е извор на добри таленти па иако секоја година продава многу фудбалери, секоја сезона е конкурентен на сите фронтови. Унион Берлин ќе дебитира во групата и ќе биде интересно да се види како навивачите на овој симпатичен германски клуб ќе ја доживеат својата прва Лига на шампиони ако се знае дека пред неколку години беа во трета и четврта лига.

ГРУПА Д

Standings provided by Sofascore

Во оваа група буквално секој секого може да победи со оглед на врвниот квалитет на тимовите. Нераѕурите минатата сезона имаа ново историско финале на Лига на шампиони и минимално со 1:0 загубија од Манчестер Сити иако имаа големи шанси да го одведат мечот во продолженија и пенали.

Интер е фаворит во групава но не би требало да чуди ако било кој од Бенфика, РБ Салцбург и Реал Сосиедад се изборат за првите две места.

Миланскиот клуб остана без голманот Андре Онана, Един Џеко и Ромелу Лукаку но доведе замени кои на стартот на сезоната се покажаа како одлични. Во дербито со Милан Интер славеше со убедливи 5-1 и влезе во одлична форма пред почетокот на ЛШ.

Бенфика исто цели кон едно од првите две места. Со повратникот Ди Марија кој веќе има пет гола и две асистенции на шест меча сезонава и френетичната поддршка на „Да Луж“, „орлите“ се надеваат дека можат да бидат први.

РБ Салцбург веќе стекна добро искуство изминативе сезони во ЛШ и ЛЕ а лани имаше и неколку одлични партии особено на домашен терен.

Реал Сосиедад минатата сезона беше при врвот на силната Ла Лига до самиот крај и покажа дека ќе биде тврд орев секому и сезонава, особено во Баскија.

ГРУПА Е

Standings provided by Sofascore

Уште една крајно неизвесна група. Атлетико Мадрид и Диего Симеоне со право се гледаат како фаворит з апрвото место но „јорганџиите“ со бледи настапи во претходните пар сезони во ЛШ како да го изгубија стравопочитот кој го имаа кај противниците.

Лацио на Маурицио Сари, Феенорд и Селтик се екипи кои би можеле да направат подвиг и да стигнат до првите две места. Интересно за секој тим од оваа група е што се потпираат на домашната атмосфера која што ја прават нивните навивачи и ќе се обидат да го користат тоа во битките за бодови.

Лацијалите останаа без својот лидер од претходните сезони Сергеј Милинковиќ-Савиќ кој замина во Саудиска Арабија но се засилија со некои фудбалери кои допрва ќе треба да се докажат во Лига на шампиони.

Феенорд исто остана без својот капитен и лидер Оркун Кокџу кој замина во Бенфика, па прашање е како ќе се снајдат без него, но амбиентот на фамозниот „Де Кујп“ може да биде пеколно искуство за секој ривал.

ГРУПА Ф

Standings provided by Sofascore

За оваа група уште на самата ждрепка во Нион сечија реакција беше дека е најсилна од сите.

Во неа се вториот најтрофеен клуб во Европа Милан кој и покрај тоа што има скромен состав, знае да ја искористи поддршката од својот „Сан Сиро“ кој може да биде неосвоива тврдина за ривалите. Росонерите летово доведоа седум нови фудбалери меѓу кои најзвучни засилувања се Кристијан Пулишиќ и Рубен Лофтус-Чик од Челси, Самуел Чуквуезе од Виљареал како и Ноа Окафор од РБ Лајпциг.

Пари Сен Жермен остана без големите суперѕвезди Лео Меси и Нејмар, влезе во проект создавање нов амбиент во соблекувалната а новиот тренер Луис Енрике изјави дека освојување на ЛШ не треба да биде опсесија за никој во клубот затоа што не чини кога нешто ќе стане опсесивно.

Тоа не значи дека Парижаните кои летово се засилија нема да атакуваат на прво место во групата. Напротив.

Њукасл игра ЛШ после цели 20 години така што навивачите на овој клуб уште од прво коло ќе уживаат во сите десерти на ова елитно друштво. На „Сент Џејмс Парк“ атмосферата е пеколна така што секому ќе му биде тешко таму да освои бод(ови).

Борусија Дортмунд е уште еден великан на европскиот фудбал и апсолутно има еднакви права да се надева дека може да ја помине оваа страшна група.

ГРУПА Г

Standings provided by Sofascore

Единствена група во која се знае апсолутниот фаворит. Манчестер Сити тргнува кон одбрана на трофејот освоен во Истанбул. РБ Лајпциг и покрај тоа што остана без врвниот стопер Јошко Гвардиол кој замина токму во Манчестер Сити и без одличниот Кристофер Нкунку кој потпиша со Челси, има екипа кадарна за второ место во групата.

Го покажа тоа РБ Лајпциг на отворање на сезоната кога го разбија Баерн Минхен во германскиот Супер Куп.

Швајцарскиот Јанг Бојс е екипа која би можела да се вмеша во борба за второто место, а белградска Црвена звезда во ова друштво би била презадоволна со евентуално трето место и продолжување во Лига Европа.

ГРУПА Х

Барселона е тука најголем фаворит и екипата на Чави би требало да го освои првото место. За такво нешто ќе треба да ги победи Порто кој е редовен учесник и поранешен освојувач на ЛШ кој игра стандардно добро на својот „Драгао“.

Шахтјор ќе игра на неутрален терен поради случувањата во Украина а украинскиот шампион е составен од млади домашни играчи без многу бразилски и африкански ѕвезди како во минатото.

Белгиски Антверпен е дебитант во групава и самото учество е голем успех за тимот кој неочекувано ја освои титулата во белгиската лига минатата сезона.

Standings provided by Sofascore
19 септември 2023 - 11:52