Откако Бразил одлучил да ги задржи правата на првичниот пехар Жил Риме освоен на Мундијалот во 1970. година, Силвио Гаѕанига го дизајнирал трофејот кој од 1971. година на секој четири години му се дава на освојувачот на Светско првенство.
„Пехарот за Светското првенство е митски предмет за играчите и за љубителите на фудбалот. Вечно ќе му бидеме благодарни на господин Силвио Гаѕанига. Го изразувам моето сочуство до семејството.
Пехарот направен од 18-каратно злато, кој тежи шест килограми е највредниот трофеј во светот на фудбалот.
Интересно, пред да го разгледува идејното решение на Гаѕанига, ФИФА на времето добила дури 53 разни предлози за нов трофеј од седум различни земји.
„Го дизајнирав за да го наградиме хероизмот“, изјавил Гаѕанига во едно далечно интервју во 2002. година за The Associated Press.
Џорџо Гаѕанига, синот на Силвио соопшти дека татко му починал во сон.
„Не се разбуди утринава. Мирно почина“, рекол Џорџо во понеделникот и додал дека татко му неколку пати неодамна бил во болница поради ситни настинки.
Големината на Силвио се гледа и во тоа што тој никогаш не сакал да профитира од своето дело. ФИФА тогаш го отворила конкурсот со став дека победникот нема да ги задржи правата на пехарот. Италијанецот е познат и како скулптор на пехарите за УЕФА Купот, европските Супер Куп и многу други меѓународни пехари.
Кафу, кој беше капитен на Бразил на Мундијалот 2002. година твитна: „Денес моите мисли одат кон Силвио Гаѕанига, човекот кој го дизајнираше трофејот кој ми го донесе најрадосниот момент во спортот. Почивај во мир“.
Гаѕанига зад себе остави две деца, неколку внуци и правнуци.