Пике ѓубре едно, напушти ја репрезентацијата

Фудбалерот на Барселона, Жерар Пике го одржа најстресниот тренинг за својата земја кој траеше само 23 минути. И покрај осумте години репрезентативни настапи и освоено Европско и Светско првенство, навивачите бараат да си замине.

Пике се наоѓа во Мадрид каде синоќа со селекцијата на Шпанија одржа тренинг во пресрет на последните два квалификациски меча за Мундијалот следната година.
 
Но тренингот му се претвори во кошмар откако околу 1.000 навивачи го пречеаа со жестоки свирежи и транспаренти со навредливи содржини.

Причината е добро позната, 24 часа претходно тој излезе да гласа на референдумот за отцепување на Каталонија од Шпанија и важи за еден од најгласните каталонски фудбалери кој повикува на независност.

„Гласате за „да“, „не“ или го оставате ливчето празно, но важно гласате. Во ерата на Франко, не можевме да си ги браниме идеите. Јас сум Каталонец, така се чувствувам и сум горд на луѓето и нивните навики. Ова беше најлошото искуство за мене како професионалец. Беше тежок ден. Имаше семејства, деца, баби и дедовци, а полицијата и цивилната гарда интервенираа. Луѓето протестираа без насилство. Мислев дека ќе се обидат да го прекинат гласањето на мирен начин. Сите видоа што се случи. Тие ги направија работите полоши. Ова е една од најлошите одлуки во последните 50 години. Ја одделија Каталонија од Шпанија уште повеќе и ќе има последници“, изјави Пике по мечот со Лас Палмас кој се играше без публика и на кој извисија и двајца Македонци.

Полицијата мораше да ги острани банерите со навредливи содржина, а меѓу пораките се појави и една на мобилен телефон на кој пишуваше „Пике те сакам“.

Стоперот на Барселона има 91 настап за Шпанија и беше дел од тимот кој стана Светски и Европски првак во 2010-та и 2012-та. Шпанија е лидер во нашата квалификациска група Г со 3 бода повеќе од Италија. Во петок ја пречекува Албанија, а по три дена гостува во Израел.
3 октомври 2017 - 09:43