Петте неприкосновени сестри од Серија А

Порано беа седум и во тоа друштво спаѓаа Јувентус, Милан, Интер, Рома, Лацио, Фиорентина и Парма, но сега времињата се сменети, а во моментот тој епитет го носат пет екипи, поради тоа што се непобедливи кога играат со другите.

По 10 минати кола во Серија А Наполи, Интер, Јуве, Лацио и Рома демонстрираат целосна моќ во однос на другите 15 екипи од лигата, а тоа најдобро го покажуваат бројките.
 
Овие пет екипи одиграле 39 средби против останатите 15 и успеале да стигнат до неверојатно добар скор од 36 победи, 3 нерешени и ниту еден пораз.
 
Наполи и Рома имаат 7 од 7, Интер има 7 победи и реми со Болоња, Лацио има 7 победи и нерешен резултат со Спал, а Јуве триумфирал 8 пати, а бод му скинал само Аталанта. Во бодови тоа значи 111:3.
 
Што е тука за издвојување. Во тие 15 екипи нема само нови прволигаши или помали екипи со мали буџети и потпросечни играчи, туку таму е и Милан кој потроши 200 милиони евра за нови засилувања, потоа чудото Аталанта, Торино со Белоти, Фиорентина, Сампдорија. Значи амбициозни клубови кои не успеале ниту еднаш да ги победат водечките од првите пет места на табела.
 
Пред 15-20 години првенството во Серија А беше многу поизрамнето и не за џабе беше најтешкото за еден играч да се докаже. Тогаш не се освојуваа лесно бодови во Фиренца, Џенова, Палермо, Каљари и Удине како што е сега и не случајно се велеше дека Скудетото се освојува со победите против малите екипи.
 
Според досегашната ситуација во Серија А, иако е рано да се констатира, одлучувачки фактор за тоа кој ќе ја освои титулата може да бидат директните дуели на конкурентите.

27 октомври 2017 - 09:49