Пеп Гвардиола од клупа стави голман ветеран кој во Лига шампиони бранеше еднаш пред 17 години

Фудбалот пишува романи. Така во најкратки црти може да се објасни епизодата која му се случи на Скот Карсон, некогашниот англиски репрезентативен голман.

Манчестер Сити со 0:5 го растури Спортинг Лисабон на првиот меч во Португалија, па за реваншот на „Етихад“ Пеп Гвардиола можеше да ужива во изборот кого да проба, со кој да експериментира, кого да уважи и да му даде шанса после долго време.

И покрај тоа што предвидувањата беа дека Сити еднакво ефикасно ќе го испрати Спортинг и во реваншот како и на првиот меч, сепак натпреварот во Манчестер заврши тотално неочекувано 0:0.

Најинтересен момент на мечот во таков развој на настаните беше замената кај Сити. Во 73’ минута Пеп Гвардиола само од нему познати причини го извади првиот голман Едерсон и на терен неочекувано го пушти 36-годишниот Скот Карсон, ветеран кој е резерва во Сити.

Карсон доби големи овации од стадионот а во продолжение од мечот и спаси една акција еден на еден.

Некогашниот репрезентативен голман во Сити е веќе три години, дојден е како трет голман. И покрај тоа што повеќе од три години е член на клубот, тој за „граѓаните“ има само два настапи.

А најинтересно од сè е што ова за Карсон беше втор меч во Лига на шампиони. Претходниот го имал пред 16 години и 338 дена уште кога бранеше за Ливерпул.

ВО 2005-ТА ГОДИНА ДЕБИТИРАЛ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ И ПРИМИЛ ГОЛ ОД КАНАВАРО

Во сезоната 2004/2005 Ливерпул беше далеку од она што е денес, сериозна машинерија која прави дар-мар на кој било терен. Црвените таа сезона имаа и проблеми со голманите. Јежи Дудек никогаш не влеваше доверба кај навивачите на Ливерпул, не беше стабилен голман па затоа периодично го вадеа од составот.

Во групната фаза на ЛШ таа сезона голот го чуваше Крис Киркленд (после стана легенда на Виган), а зимата го купија младиот талент 19-годишниот Скот Карсон. Тој немаше ниту еден сениорски настап но веќе го сметаа за најперспективен англиски голман.

Во февруари месец 2004-та Карсон дебитираше за големиот Ливерпул (на 17 години) и тоа во Лига на шампиони. Во 1/4 финале од елитното натпреварување „црвените“ го пречекаа Јувентус со Дел Пјеро, Ибрахимовиќ, Недвед и другите ѕвезди.

„Сите мои мисли пред мечот се сведуваа на реченицта: „Само немој да ги изневериш“. Бенитез (Рафа) ми кажа дека ќе играм од почеток на половина час пред стартот. Можеби и така беше подобро, немав време за трема“, се сеќава Карсон.

Ливерпул победи 2:1, а младиот Скот Карсон бранеше сосема солидно против така ѕвезден тим. Во првиот дел го спречи Дел Пјеро во дуел еден на еден да му даде гол, а Златан Ибрахимовиќ погоди статива.

Во вториот дел Јувентус постигна гол кога Канаваро најдобро се снајде на подалечната статива а Карсон не реагираше навремено. „Во прво полувреме одбранив еден удар на Дел Пјеро и помислив “ах колку е лесно“. Во моментот со Канаваро излегов предвреме, топката одлета преку мене. Добро е што тогаш немаше социјални мрежи и лесно поминав“, се сеќава англискиот голман.

И покрај триумфот на Ливерпул 2:1 Карсон вели: “Дали ме чинеше скапо таа грешка? Јас издишав дури по судиската свирка за крај на реваншот“, се сеќава Карсон.

На реваншот во Торино кој заврши 0:0 бранеше Дудек. 

Од тогаш, Џерард стана многу успешен тренер (во Ренџерс па сега во Астон Вила), Карагер врвен телевизиски експерт, Недвед спортски директор итн. Карсон, Ибрахимовиќ и Буфон играат уште. Во теорија Скот и Златан за малку ќе се сретнеа и сезонава во Лига на шампиони, но Милан испадна во групната фаза.

САКАЛ ДА ОДБИЕ МЕДАЛ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ, СМЕТАЛ ДЕКА НЕ ГО ЗАСЛУЖУВА

А за легендарната сезона 2004/2005 која заврши со спектакуларна победа на Ливерпул во епското истанбулско финале, Карсон не славел многу на крајот. Од скромност.

„Да бидам искрен, се чувствував чудно. Сфаќате, јас само што дојдов во клубот, на пе ја чувстував таа победа за мое достигнување. Не чувствував дека сум ја заслужил. Затоа се држев на страна од големите прослави.

Некои луѓе воопшто не ни играа но се пикаа во први редови. Мене ми е некомфорно тоа. На пример Хосеми (Шпанецот). За цело време во Ливерпул со него не прозборев ниеден збор. Дури не знам ни дали тој знаеше да каже нешто на англиски. Ама затоа кога го кревавме трофејот, тој на сите фотографии беше главен“.

Скот Карсон дури и сакал да му ја подари медалата за шампион во Лига шампиони на Крис Киркланд кој не се најде на клупата за резерви поради повреда. „Мислам дека он ја заслужи повеќе“. Крис секако одбил.

Кариерата на голманот во Ливерпул не траеше долго. По големото финале во Истанбул го праќаа на позајмици во Шефилд Венздеј, Чарлтон и Астон Вила. Немаше шанса да конкурира за место на голот со Пепе Рејна, легендата на Коп.

Во 2007-ма година на мечот Англија - Хрватска Скот Карсон направи неколку кардинални грешки, Хрватите сензационално славеа 2:3 на Вембли и Русија отиде на Евро 2008 а Англија остана со празни раце.

Голманот после бранеше и во Вест Бромвич, Бурсаспор во Турција, Виган и Дерби Каунти. Од втората лига Чемпионшип Пеп Гвардиола го донесе во Манчестер Сити.

ПЕП МНОГУ ГО ЦЕНИ И КОНЕЧНО МУ ДАДЕ ШАНСА

 

Потписот на Скот Карсон донел длабочина на клупата. Скот е искусен голманм, им помага на младите на тренинзите и добро им спарингува на првите двајца голмани. Нешто како култниот Роб Грин во Челси.

Скот Карсон во мај минатата година доби шанса во последното коло од Премиер лига кога Гвардиола и Сити веќе обезбедија шампионска титула. Тогаш Скот Карсон прими 3 гола од Њукасл но одбрани еден пенал. Тоа беше негов прв меч во Премиер лига после цели 10 години!

„Бескрајно сум среќен. Мислев дека веќе никогаш нема да заигра во Премиер лига, но никогаш не се предадов, работев максимално. Му благодарам на тренерот кој ме примети и ми даде шанса“, рекол тогаш Карсон.

Гвардиола го цени возрасниот голман. Сега му даде шанса дури и во Лига на шампиони.

„Многу сме среќни. Скот е исклучително важен иако никој тоа не го гледа. Многу добро влијае на Едерсон и Зак Штефен кои го слушаат. Неговата одбрана ни помогна да не изгубиме“, рекол Пеп после мечот.

Договорот на Карсон со Манчестер Сити истекува летово, па тој најверојатно ќе ја заврши долгата кариера од која може да се пофали дека освои шампионска титула со Ливерпул во ЛШ. Зошто да не и втора во кариерата, овојпат со Сити?

 

10 март 2022 - 15:45