Пеп Гвардиола емотивен на прослава на титулата, со огромна почит зборуваше за Клоп

Конечно бидна и тоа. Заврши драмата во Премиер лига. Во последното коло Манчестер Сити со 3-1 го совлада Вест Хем, го сочува првото место и ја освои шампионската титула со 91 бод, два повеќе од Арсенал кој има 89.

Манчестер Сити ја продолжи доминацијата во Премиер лига - ја освои четвртата по ред шампионска титула што никогаш не му успеало ниту на еден англиски клуб. Во неделата попладне после финалната судиска свирка за крај почна големото славје на „Етихад“ каде илјадници навивачи влегоа во терен да слават со играчите и со тренерите.

Веќе по навика, во епицентарот беше Џек Грилиш. Кога слави мајсторот слави како што е ред.

Ова е шеста титула во Премиер лига за Пеп Гвардиола кој има дури 17 освоени трофеи со Манчестер Сити во сите натпреварувања откако дојде во 2016-та.

Во меѓувреме Ерлинг Халанд стана прв стрелец во Премиер лига втор пат по ред. Лани имаше 36 гола а годинава 27.

ГВАРДИОЛА СКОРО СЕ РАСПЛАКА ДОДЕКА ЗБОРУВАШЕ ЗА КЛОП

Со заминувањето на Јирген Клоп од Ливерпул после цели девет години, завршува и едно од најголемите тренерски ривалства во историјата на фудбалот - Јирген и Пеп.

Ривалството го започнаа уште во Германија кога во 2013-та година Гвардиола го презема Баерн Минхен. Клоп од 2008-ма со голем успех работеше во Борусија Дортмунд. Иако Баерн доминираше страшно во тој период, сепак Клоп и Дортмунд успеаа два пати да го освојат пехарот во Суперкупот на Германија против Баерн.

Во 2015-та година Клоп дојде во Ливерпул, а година дена подоцна Гвардиола го презеде Манчестер Сити. Црвените не им дозволија на „граѓаните“ да освојат дури шест титули по ред. Во 2020-та година Ливерпул стана шампион во Премиер лига откако му избега на Сити цели 18 поени.

И Пеп и Јирген често еден со друг се нарекуваа најголемир ивали но притоа меѓу нив двајца има искрено уважување. Во сезонава 2023/2024 Ливерпул во самиот финиш изгуби сили да се бори за титулата иако во текот на цела сезона беше при самиот врв. Сити ја освои титулата во последното коло кога Клоп се прости од цел Ливерпул.

„Сите знаат за 115 обвиненија (за Сити дека наводно правел финансиски прекршоци) но јас немам појма што значи тоа. Знам само за бројката. Што и да се случи со Манчестер Сити, Пеп Гвардиола е најдобар тренер на светот и тоа е важно. Ставете кој било друг тренер во тој клуб и нема да освои 4 пати Премиер лига по ред. Тоа е негова и заслуга на неговите колеги“, рекол Клоп ден пред последното коло во Премиер лига.

После шампионскиот пехар и големото славје на „Етихад“, Пеп Гвардиола одговарал на новинарски прашња. Го прашале и да даде коментар на Јирген Клоп кој заминува од Ливерпул и кој му даде комплимент дека е најдобат тренер на светот.

„Ќе ми фали многу... Јирген стана навистина важен дел од мојот живот. Ме крена на повисоко ниво како тренер. Мислам дека неверојатно се уважуваме еден со друг. Имам чувство дека ќе се врати.

Просто сакам искрено да му се заблагодарам за неговите зборови. Тој прекрасно знае дека зад мене има многу многу нешта кои овој клуб ми ги даде и овомозможи“, рекол Пеп и продолжил:

Јирген многу пати ми помогна. Ми помогна со неговите екипи, он беше важен противник во мојот живот. Често не наоѓав решение да ги совладам така како што наоѓав за другите противници. Тоа е многу тешко. Сигурен сум дека Микел (Артета) ќе го продолжи неговото дело и ќе не однесе на ново ниво.

Му посакувам на Клоп сè најдобро. Не го видов неговиот последен меч, но верувам дека тој натпревар бил посебен за него, тој тоа го заслужува. Луѓето прашуваат колку титули јас освоив. Но работата не е во титулите. Победите се секако важни но не е само во нив работата. Најважни се личностите. Кога права личност ќе дојде на одредена висина и таму останува засекогаш. Јирген ќе биде на исто ниво со Бил Шенкли, Боб Пејсли и други легенди“, додал Пеп Гвардиола.

 

Како изгледаше последната средба на Клоп со новинарите

Шпалир на Енфилд Роуд за крај на ерата на Јирген Клоп

20 мај 2024 - 09:39