Пеналите не се рулет

Ако случајно финалето од Лигата на шампиони треба да биде одлучено со изведување на пенали, стишете го звукот од телевизорот за да не го слушнете она коментаторско клише „пенал рулет" или „пенал лотарија".

Изведуњето на пенали е тест на техника и нерви, но и составен дел од фудбалот за кој играчите можат да се подготват со дополнителен тренинг.

Некои новинари, коментатори, фудбалери и тренери велат дека при изведувањето на пенали е важна и среќата, но единствен елемент кај пеналите за кој е потребна среќа е фрлањето на паричката која одредува кој прв ќе шутира.

Игнасио Паласиос-Хуерта, професор на училиштето за економија од Лондон, анализирал 212 натпревари кои биле одлучени по пенали, при што биле изведени 2.106 удари од белата точка.

Екипата која прва изведува пенал победила на 61% од натпреварите, наспроти 39% кога победиле екипите кои шутирале втори. Тоа значи дека екипата која прва изведува пенал има 22% повеќе шанси да победи.

Професорот има и решение како да се намали оваа предност на тимот кој прв шутира. Најдоброто сценарио е слично на тенискиот тај-брејк кога играчот „А" сервира прв, а потоа играчот „Б" сервира два пати, а победува оној кој прв ќе стигне до седум поени со два разлика. Тениската секвенца е АББА АББА АББА...

Но дури и тоа може да се подобри, а предлогот на професорот Паласиос-Хуерта е да се смени распоредот, односно идеалниот распоред за изведување на пенали би бил АББА БААБ АББА БААБ.

А за тоа дека пеналите не се само обична лотарија за која треба да се има среќа, на сајтов имаме пишувано и претходно, односно го анализиравме рецептот за успешно изведување на пенали. Стратегијата за победа по пенали е:

 - Изведувачите на пенали треба да бидат млади (18-24г) или постари (31+), но не и оние на врвот на кариерата (25-30г).
 - Идеалниот изведувач би бил деснак кој игра како напаѓач и би шутирал во горниот десен агол.
 - Со оглед на тоа што бројот на напаѓачи во составот е ограничен, овие фудбалери треба да се остават да ги изведуваат пеналите од третата и четвртата серија.

23 мај 2014 - 09:22