Откриен рецептот за успешно изведување пенали

Група фудбалски аналитичари направија истражување кое најверојатно тренерот на Баерн Минхен, Јуп Хејнкес го немал прочитано, па затоа Петр Чех им ги „прочита" пеналите на финалето од Лигата на шампиони.

Годините, позицијата на која игра фудбалерот, насоката на упатениот шут и информацијата за тоа дали фудбалерот е левак или деснак, се главните фактори кои влијаат на успешноста на изведувањето на пенали.

Група фудбалски аналитичари за потребите на ESPN направија истражување во кое ги анализираа сите натпревари кои биле одлучени по изведување на пенали на Европските и Светските првенства од 1976-та до 2010-та година.

За ова истражување биле анализирани 35 натпревари, односно 343 изведени пенали. Општиот заклучок е дека реализацијата на пенали се намалува со текот на годините, односно пред 1998-та година биле реализирани 80%, а од 1998-та до 2010-та овој процент се намалил на 69.

Резултатите од анализираните пенали се:

- Успешно биле реализирани 258 од 343 пенали, односно 75,22%.

- Нема голема разлика во успешноста кај леваците и деснаците. Леваците погодиле 73,13%, а деснаците 75,72% од пеналите.

- Напаѓачите се најуспешни (85,52%), останатите имаат послаба реализација. Дефанзивците 70,79% а фудбалерите од среден ред 70,67%

- Младите и оние поискусните се поуспешни од фудбалерите кои се на врвот на кариерата. Фудбалерите од 18 до 24 години реализирале 79%, оние постари од 31 година погодиле 82%, а фудбалерите од 25 до 30 години имале најслаба реализација, односно погодиле 71,5% од пеналите.

- Реализацијата се намалува кога расте притисокот, односно биле погодени 80% од пеналите од првата серија, а оние од четвртата серија биле погодени само 63%

- Постои голема разлика во успешноста во зависност од насоката на шутирање. Реализирани биле 91% од пеналите кои биле шутирани во горниот десен агол, погодени биле само 55% од пеналите упатени во горниот среден дел од голот.

Од овие податоци може да се изведе и стратегијата за успешно реализирани пенали. Рецептот е:
Изведувачите на пенали треба да бидат млади (18-24г) или постари (31+), но не и оние на врвот на кариерата (25-30г). Идеалниот изведувач би бил деснак и би шутирал во горниот десен агол. Со оглед на тоа што бројот на напаѓачи во составот е ограничен, овие фудбалери треба да се остават да ги изведуваат пеналите од третата и четвртата серија.

22 мај 2012 - 23:00