За ЕП 2020
Се случија многу работи што не требаше да се случат. На тоа Европско требаше да одиме среќни и задоволни, сите заедно да изгинеме, а ние отидовме таму како секои четири години да одиме на ЕП. Оваа генерација што бевме и без тренер да бевме на клупа ќе се пласиравме на ЕП и мислам дека ќе одигравме многу подобро. Мислам дека највиновен за катастрофалните резултати на Европското беше селекторот, бидејќи знаеме кој е одговорен за резултатите во репрезентациите и клубовите. Одговараат тренерите или селекторите. Ние според мене одигравме катастрофално Европско, а ја имавме најдобрата генерација. Мислам дека можевме да одиграме многу подобро ако бевме тактички и ментално поспремни. Ние се базиравме на индивидуален квалитет. Сум работел со повеќе селектори. Не видовме дека се спремаат натпреварите тактички. Припремите беа катастрофални. Отидовме на ЕП како растурена банда. Знаев каков квалитет имавме. Можевме да направиме барем еден позитивен резултат. Знаев дека вака ќе заврши.
Честитките за пласманот од Морати и Мурињо
Се јавија многу луѓе од срце да ми честитаат за успехот, бидејќи знаеа колку посакувам да играм со Македонија на едно големо натпреварување. Се осеќав горд откако добив позив од многу големи луѓе како Мурињо и Морати. И до ден денес сме во контакт со Морати. Фудбалерите ги сакаше како свои синови. Прав господин и прав татко. И да имаш приватни проблеми, веднаш ги решаваше.
Впечатокот за Роналдо да Лима
Кога пристигнав во Италија многу тренинзи поминав со првиот тим на Интер. Кога го гледаш на тренинг и соблекувална, не ти се верува дека е вистина. До вчера го гледав на тв, а сега е до мене. Се работи за феноменален играч, но и човек. Даваше совети и за мене беше еден од најдобрите играчи.
За честа да се носи националниот дрес
За мене репрезентацијата беше светост. Со душа чекав да имаме натпревар, да дојдам во Македонија и да го облечам националниот дрес. Ми беше чест да го носам и немаше човек или граница што може да ме сопре да не доаѓам за репрезентација.
Директорска и тренерска понуда во Џенова
Мојот договор со сопственикот на Џенова беше после завршувањето во кариерата да ја преземам директорската функција во првиот тим. Прециози на крај не беше ни искрен, не само спрема мене, туку и према многу други играчи, бидејќи три месеци подоцна не излезе ништо од тоа што се договоривме. Го продаде клубот на Американци кои ја променија цела структура. Во професионалниот фудбалот нема сентименталности. Да бидам искрен имав понуда од новите луѓе да почнам со тренерска кариера во младите категории, каде Мимо Кришито ги води младинците на Џенова од оваа сезона, но јас немам тренерски амбиции и им се заблагодарив на понудата. Добри пријатели сме, кога имам време одам да ги гледам. Со Виера и Џилардино се дружевме, одевме на вечери.
Улогата на стручен аналитичар во Скај спорт со Ди Канио, Капело, Костакурта и Бобан
Прво почнав со Интер тв, па со локални телевизии во Џенова, а поканата од Скај не се одбива, бидејќи тоа е на највисоко ниво. Кога ќе те побараат најдобрите значи нешто си почнал во кариерата и гледаат позитивно на тебе. Горд сум што сум таму, бидејќи од тие луѓе можеш многу да научиш нови работи. Поразлично е кога си од таа страна. Се прави анализа, прашања пред натпревар, договори, треба да се подготвуваш. Тоа е нешто ново за мене и најискрено ми се допаѓа, забавно ми е. Плус за ЛШ се работи.