По ремито со Катанија и елиминацијата од Лигата на шампиони, на седум кола пред крајот на италијанската Серија А, Милан ги шокираше своите 60.000 навивачи на стадионот Сан Сиро и си дозволи да загуби од Фиорентина и покрај тоа што имаше водство на полувремето.
Милан поведе во 31-та минута со голот на Ибрахимовиќ од пенал по спорната одлука на судијата да досуди најстрога казна за контактот помеѓу Настасиќ и Макси Лопез. Тоа беше 23-ти погодок за Швеѓанецот во Серија А оваа сезона.
Фиорентина израмни на самиот старт од вториот дел преку Јоветиќ, по што фудбалерите на Милан тргнаа во напад, а пред крајот навалната линија беше засилена и со Антонио Касано кој се врати на терените по операцијата на срцето.
Но тогаш следеше и казната. Бразилецот Амаури, кој нема добри спомени од својот престој во Јувентус, му направи голема услуга на својот поранешен тим и постигна победнички гол за Фиорентина во 89-та минута.
Ова беше само втора победа за Фиорентина на гостински терен оваа сезона и прва победа на Сан Сиро по пауза од цели 11 години.
Киксот на Милан и тоа како го искористи Јувентус. Тие ја забележаа четвртата победа во серија и петти натпревар без примен гол.
Фудбалерите на Јуве доминираа во текот на целиот натпревар, а отпорот на домаќините беше скршен во 56-та минута кога по корнерот изведен од Пирло, највисок во скокот беше Леонардо Бонучи кој со глава ја затресе мрежата на Палермо.
Победата ја завери Фабио Кваљарела во 69-та минута. Со овој триумф Јувентус остана единствен непоразен тим во Италија и со 65 поени го презеде врвот пред Милан со 64.
Горан Пандев постигна гол за Наполи против својот поранешен клуб Лацио, но ја загуби битката за место кое води во Лигата на шампиони.
Пандев беше стрелец на израмнувачкиот гол во 34-та минута, но Маури во 68-та минута со прекрасен гол го врати Лацио во водство, а конечниот резултат го постави Ледезма од пенал во 81-та минута.
Нашиот интернационалец беше заменет во 79-та минута и како што и се очекуваше, беше исвиркан од навивачите на стадионот Олимпико каде тој помина 6 сезони.
СЕРИЈА А, 31. коло:
Чезена - Болоња 0:0
Киево - Катанија 3:2
Бредли 6, Пелисиер 20, Палоски 50 - Андреоли 32аг, Алмирон 85
Милан - Фиорентина 1:2
Ибрахимовиќ 31п - Јоветиќ 47, Амаури 89
Новара - Џенова 1:1
Маскара 68 - Паласио 7
Каљари - Интер 2:2
Астори 5, Пиниља 61 - Милито 6, Камбиасо 64
Удинезе - Парма 3:1
Асамоа 45, 91, Ди Натале 56 - Лукарели 84
Лече - Рома 4:2
Муриел 22,49, Ди Микеле 44,55 - Кркиќ 88, Ламела 90
Аталанта - Сиена 1:2
Шелото 9 - Ларондо 13, Дестро 90
Палермо - Јувентус 0:2
Бонучи, Кваљарела
Лацио - Наполи 3:1
Кандерва 9, Маури 68, Ледезма 81п - Пандев 34