Пандев го анализира Интер на Скај Спорт со Капело и Бобан

Гоче не го забораваат во Италија. Беше гостин во студио по повод мечот од ЛШ меѓу Ајакс и Интер и му поставуваше прашања на својот поранешен соиграч, Кристијан Киву.

Интер ја стартуваше новата сезона со триумф од 0:2 на гостувањето против Ајакс, а Пандев ја истакна пожртвуваноста на играчите за Киву.

„Ја познавам добро оваа група, знам дека се добри момци кои се сакаат едни со други и кои се обединети. Сега дојдоа млади момци кои ќе растат добро. Она што ме импресионираше е што дадоа сè за тренерот, сакаат да му помогнат на Кристијан, а тоа е навистина многу убава работа. Победија без никакви грижи, а тоа беше важно, особено за Киву, за кого знаеме дека доби многу критики во последните денови“.

Легендарниот напаѓач од тројната круна на Интер, доби прашање во студио за тоа кој кревал најмногу глас во негово време?

„Киву не викаше, зборуваше, но никогаш не се лутеше. Во тој тим имаше двајца - тројца тешкаши како Самуел, Лусио, но и Занети, кои се лутеа кога мораше. Исто така и Матераци. Кога Балотели го фрли дресот против Барселона, во соблекувалната беше војна, но сè остана внатре“.

Бобан се пошегува: Е како остана внатре, кога ние дознавме.

Пандев потоа му поставил прашања на Киву во врска со мечот.

Здраво Кристијан, дали идејата ти беше веднаш да играш со формација 3-5-2 или сакаше да направиш нешто друго? И дали си задоволен од трансфер пазарот?

„Навистина си станал новинар Горан. Да, сакав да играм со формација 3-5-2, го кажувам тоа директно бидејќи сакав да имам сигурност. Требаше да ја вратиме самодовербата и менталната сила на фудбалерите. Не сум глупав, одам на свој начин, без да му наштетам на веќе силниот тим кој го имам“, му одговорил Киву. 

19 септември 2025 - 08:56