Пандев е душата на Џенова и водач на црвено сината војска

Викендов го немаше меѓу стрелците, туку меѓу асистентите, но го има на насловните страници и тоа со највисока оценка во еден од најважните дуели на Џенова во борбата за опстанок. Фрчат пофалби за легендата.

Фудбалерите на Џенова го добија директното соочување во борбата за опстанок против Лече и на 4 кола до крајот на сезоната имаат +4 во однос на конкурентот.

Во триумфот од 2:1, капитенот на Македонија не е стрелец, но по кој знае кој пат се истакнува како главна алка во играта на Џенова. Тоа не го констатираме ние, туку Газета дело Спорт кој го оцени со највисока оценка 6,5 и уште во наслов напиша дека бил клучен играч.

Неговиот поранешен колега од Лацио, Фабио Ливерани кој сега беше во улога на тренер од страна на поразениот тим, испадна сосема во право со изјавата пред натпреварот.

„Го познавам Пандев кога пристигна како надежен 19 годишник во Лацио, а потоа со текот на годините стана шампион. Не ја заборавајте неговата важност во освојувањето на тројната круна со Интер. Горан е клучен играч и покрај неговата возраст и мора да се обидеме да го ограничиме неговото влијание врз играта“.

Посебен текст со пофалби за него имаше и весникот тутомеркато:

„Неговата желба на теренот е како на млад играч. Има движења на терен кои знае како да ги прави добро. Биографијата му е полна со успеси, а тројната круна со Интер на Мурињо е само шлаг на една слатка и вкусна торта. Не е важно што во лична карта датум на раѓање му стои 1983-та. Кај нема старост и тоа го покажува секое коло.

Тој е душата на Џенова и човек на одлука. Со своето искуство ја води црвено сината војска во најважниот момент од сезоната, а со своите совети го поттикнува младите момчиња. Пандев со игрите покажува дека чувството за гол никогаш не го загубил“.

ПРВ СТРЕЛЕЦ СО 9 ГОЛА

Неговиот прв гол сезонава му е против Бреша со што ја потврди победата од 3:1 на дебито на Тијаго Мота. По головите против Удинезе и Лече, стигна и погодокот против Сасуоло на четири минути до крајот, со што му донесе успех на новиот тренер Давиде Никола.

Против Рома се обиде да му даде “живот“ на тимот и погоди за 1:2, а потоа против Каљари повторно даде решавачки гол за победа. На последниот меч пред паузата го отвори резултатот на Сан Сиро, меч кој Џенова го доби против Милан, а во Удине го почна пресвртот кој го доврши Пинамонти. Потоа даде гол и на најважниот меч, а тоа е против СПАЛ на кој го отвори резултатот.

Пандев со Џенова до крај им гостува на Сампдорија и Сасуоло, а дома ги пречекува Интер и Верона. Лече игра дома со Бреша и Парма, а на гости против Болоња и Удинезе.

20 јули 2020 - 15:24