Мега интервју на најголемата македонска фудбалска легенда за Моцартспорт.
За почеток, прашањето на сите прашања во Србија. За кого навива Горан Пандев: Црвена звезда или Партизан?
Сите како деца навиваат за Ѕвезда. Исто и јас. Во поранешна Југославија, Ѕвезда беше и сè уште е еден од најголемите клубови во Европа. Чест ми е што сум овде во Белград и што бев гостин во еден од најголемите клубови во Европа.
Дали за таа навивачка определба е виновен Дејан Савичевиќ кој често го издвојувате за идол?
Савичевиќ ми беше идол, многу ми се допаѓаше како игра. Беше левоног како јас кога бев мал. Се обидував да ги правам неговите финти и навивав за него и кога замина во Милан.
Колкав беше скокот во квалитет кога од Македонија отиде во Интер? Каде беше во споредба со твоите врсници?
Младинскиот тим на Интер беше со исклучителен квалитет. Имаше играчи како Обафеми Мартинс. Знаеме дека подоцна играше одлично за првиот тим и го освои Скудетото. Дојдов од мала земја, од мал град како Струмица, во еден од најубавите градови во Италија како Милано. Доаѓаш во голем тим, кога Роналдо играше за Интер. Пред тоа само го гледав на телевизија. Не можев да поверувам. На почетокот беше малку тешко, но откако го научив јазикот и се прилагодив на италијанскиот начин на живот, станав навистина среќен.
Дали имаше шанса да го запознаеш Роналдо како дете на 18 години?
Тој беше во првиот тим, а ние четворица-петмина од младинската екипа повремено трениравме со првиот тим. Подоцна имаше тешка повреда, па тренираше со нас во младинскиот тим. Прекрасен човек. И кога имаше најмногу проблеми со повреди, секогаш беше тука да разговара со нас, да ни помагаше психички. Ми беше чест да го запознаам. Еден од најголемите играчи во светот.
Колку Роналдо отскокнуваше на тренинг?
Едно е кога го гледате на телевизија, сосема поинаку е кога тренирате со него. Тој правеше работи на теренот што не би знаел ни да ги објаснам. Имаше брзина, техника... Гледаш како поминува тројца четворица играчи и не можеш да разбереш како го прави тоа“.
Тоа беа златните години од Серија А, кога играа најдобрите светски дефанзивци. Колку е тешко за еден млад напаѓач кога треба да се судри со Неста, Малдини, Канаваро?
Имав среќа да играм против нив. Беше навистина тешко. Тактички се совршени, физички се непобедливи, брзи се... А во исто време знаат кога да излезат пред шпицот, кога да затворат... Беше навистина тешко против нив. Голема работа е да правиш кариера кога играш против такви дефанзивци.
Имаше ли некои валкани трикови?
Ако им правите многу проблеми, следува веднаш старт или ќе добиете лакт. Тоа е нормално. „Каде одиш, дете?“ Немаше ВАР. Сега е малку потешко. Неста беше најтешкиот дефанзивец против кој сум играл. Не ја допирав топката. Тој беше интелигентен, силен, тактички совршен.
Која беше пресвртната точка кога сфати дека си играч за Серија А?
Трансферот во Лацио. Клубот имаше финансиски проблеми, Крањоти го продаде клубот на Лотито и немаше повеќе ѕвезди како што беа Креспо, Југовиќ, Михајловиќ, Станковиќ, Алмеида, Мендиета... Клубот беше во криза. Останаа Перуци и пет шест од нив. Тоа беше мојата шанса. Не беше лесно, на Олимпико имаше 60.000 луѓе. Добро ми тргна, постигнав гол против Каљари во второто коло, а потоа против Јувентус. Луѓето почнаа да ме сакаат. Играв на неколку позиции и секогаш давав максимум на натпреварите и тренинзите. Луѓето знаат да го препознаат тоа. А кога на луѓето им се допаѓаш, полесно е. Не е проблем дури и ако не играш добро на два-три натпревари.
Која позиција ти беше омилена?
Во Лацио играв со Роки напред. Тој постигна многу голови на мои асистенции. Имав среќа да играм на повеќе позиции. По страна, зад шпицот, понекогаш најистурен, иако не сакав да го играм тоа. Најмногу сакав да играм како втор шпиц. Играш зад Кавани, Игуаин... Тоа се одлични играчи кои знаат да влезат во простор. Технички беспрекорни и задоволство е да се игра со нив.
Со кој тренер најмногу напредуваше?
Најголемо влијание кај мене имаше Делио Роси во Лацио. Тој ми беше тренер пет години. Ми даде вистинска шанса и кога играв лошо, секогаш веруваше во мене. Работевме многу и тактички и физички, бев млад, тренирав по два пати секој ден. Ние младите останувавме после тренинзите, добивавме дополнителни центар шутеви, вежбавме отворања, а тоа многу ми послужи подоцна.
Се зборуваше дека Пеџа Мијатовиќ како тогашен директор на Реал сакал да те донесе во Мадрид.
Не знам дали ме сакаше. Лацио доби многу понуди, но газдата не сакаше да ме пушти. Имав понуди од Зенит, Севиља, Тотенхем, но не знам за Реал и Пеџа. Но во тој период играв на високо ниво. Бев млад.
Дали Мурињо те повика во Интер?
Во јануари имавме судење со Лацио, ги тужев дека тренирав сам и ја добив пресудата. Имав договор со Лацио до крајот на сезоната, но ја добив тужбата. По два дена, мојот менаџер Бранкини ми се јави да дојдам во Милано да разговараме. Му се јави на Мурињо и ми го даде на телефон, а Мурињо ми рече: „Дали си спремен да се вратиш, му должиш на Интер“. Реков дека се враќам, но немам играно шест месеци, не сакам да не играм повторно. Имаше силна конкуренција. Среќа што Ето беше на Африканскиот куп на нации. Мурињо беше искрен и рече дека кај него игра тој што е во форма. Сакав да докажам дека можам да играм во Интер. И кога доаѓав таму како дете, си реков дека ќе играм на Сан Сиро и ќе освојам нешто.
Како беше тоа култно полуфинале со Барса? Како ве подготви Мурињо за тој двомеч?
Никогаш ги немавме тие моменти со Мурињо да правиме видео анализа, да зборуваме за противникот. Се сеќавам пред Барселона, пред првиот натпревар во Милано... Бевме во карантин. Никој не очекуваше дека ќе имаме состанок, но Мурињо го закажа. Сакаше да разговара со нас. Ни рече: „Момци, колку помалку ја имаме топката, толку подобро. Тие се најопасни кога топката е кај нас. Барса тогаш ја земаше топката со пресинг. Дајте им ја и почекајте. Првиот натпревар на Сан Сиро навистина го одигравме топ. Во Барселона, Тиаго Мота беше исклучен по само 15 минути, оттогаш игравме со играч помалку, загубивме 1:0 и на крајот поминавме. Се подготвувавме за натпреварот, но повеќе во главите. Секој играч мораше да внимава на одреден свој играч. Јас внимавав на Дани Алвеш кога се уфрла по крило. Мурињо работеше со секој играч поединечно.
Ти и Ето практично игравте тогаш како бекови.
Ако сакате да ја поминете Барселона, треба да трчате двојно повеќе од нив. Знаевме дека имаат двојно поголем квалитет од нас. И како тим и како поединец. Единствено што можевме е да одиграме тактички перфектно и да трчаме повеќе од нив. Алвеш играше крило, а не бек. Мора да го туркаш до крај. После, кога ја имавме топката, имавме квалитетни играчи во средниот ред. Мота, Камбијасо, Станковиќ... Снајдер, кога нафрлаш прати ја топката пред тебе. Милито од полушанси даваше голови. Во тоа време го имавме најдобриот десен бек во Европа, Маикон. Имавме стопери Лусио и Самуел, не беше лесно да се поминат.
Има една сцена кога Мурињо на Станковиќ му ја покажува тупаницата...
Да да! Да тепа. Тоа беше нормално. Деки знаеше да тепа, но имаше и квалитет. И секогаш знаеш што може да ти даде... И кога влегува од клупата и кога игра од старт. Интересно беше што Мурињо уште повеќе го сакаа играчи кои не играа стандардно. Не е лесно кога тренерот има 23, 24 играчи, голема конкуренција, а сите сакаат да играат. Матераци или Мунтари, колку помалку играа, толку повеќе го сакаа. Како татко. Не можев да го разберам тоа.
Која е неговата тајна за да им влезе под кожа на играчите?
Тој секогаш беше 100 проценти искрен. Отворено ти кажува што мисли, што бара и што очекува од тебе. Сменив многу тренери, но не сите имаа таков став и такво однесување. Да ти каже сè во лице. Да ти каже што треба да правиш, или што не правиш добро“.
Што остана најзапаметено од финалето во ЛШ во кое одигра 80 минути?
На вториот гол бев мртов, не стигнав ни да се радувам. Милито направи одлична работа, постигна феноменални голови. Имав една шанса што голманот ја одбрани. Мислам дека заслужено ја освоивме Лигата на шампионите.
Дали очекувавше да бидеш стартер? Тогаш се зборуваше дека Мурињо имал дилема дали да тргне поофанзивно со тебе или подефанзивно со Деки?
Очекував бидејќи ги одиграв речиси сите натпревари во Лигата на шампионите. Помалку играв во првенството, повеќе во Лигата на шампионите. Мурињо форсираше 4-2-3-1, божем офанзивно, а ние всушност игравме бекови. Но, тоа е неговиот систем и кога му оди добро, не менува многу играчи. Два дена пред натпреварот ми ече дека ќе играм.
По врвот во Интер, отиде во Наполи. Колку беше различно?
Кога одите во Неапол, плачете двапати. Прво кога треба да одите во Неапол затоа што знаете какви се и како живеат за фудбалот. И втор пат кога не ви се оди ид Неапол затоа што луѓето ве сакаат. Кога ќе излезете на Сан Паоло, се чувствувате како да сте направиле нешто големо. Живеат за играчите и за клубот. Таму добро се забавував, за три години направивме феноменални работи, игравме добро под водство на Мацари, а потоа под Бенитез. Двапати го освоивме Купот на Италија, еднаш Суперкупот.
Каков газда е Аурелио Де Лаурентис?
Специфичен. Малку е тежок, но коректен е. Првпат влезе во фудбалот и денес гледаме дека го изнесе Наполи на вистинскиот пат. Нема никакви долгови, продава врвни играчи, тимот секогаш е во врвот. Заврши одлична работа во Наполи.
Се чини дека оваа сезона Слудетото конечно пристигнува во Неапол?
Ова е таа сезона. Заслужија. Го играат најдобриот фудбал. Не само во Италија, туку одиграа одлично и во Лигата на шампионите. Имаат голема предност, играат најдобро и ако не направат некоја глупост, на вистински пат се до Скудетото. Ќе биде фешта два месеци. Луѓето таму живеат за Наполи. Ќе слават цело лето.
Колку е тешко да губиш натпревари од година во година и да останеш во истата репрезентација?
Имаше период кога прескокнав едни квалификации. Но, кога ќе го облечете дресот на репрезентацијата и вашата земја, сè е поинаку отколку во клубовите. Имаше кризи и порази. Загубивме од Андора, се срамев да се вратам во Лацио после такви порази. Играш нерешено со Холандија па губиш од аматери од Андора?! Тоа само нас може да ни се случи. Се враќам во Рим и не можам да се средам месец дена после тоа, а Делио Роси ме прашува што ми е. Ми рече да се откажам од репрезентација бидејќи и онака секогаш сме петти во групата. Но за мене репрезентацијата е светост. Подоцна, кога дојде за селектор Ангеловски, се промени и менталитетот на играчите, а Лигата на нациите им олесни на малите земји како Македонија.
Ја спомена младата генерација која претходно играше на младинското ЕП. Колкаво влијание имаше ти за конечно да создадете успешна генерација македонски фудбалери?
Во мене гледаа лидер. Поминав низ многу лоши моменти во кариерата со репрезентацијата и постојано им го кажував тоа. Тие се најдобрата генерација што ја имаше Македонија. Во секоја генерација имавме по двајца-тројца добри играчи како Митрески, покојниот Милошевски, Седлоски, Несторовски... Но, никогаш немавме ваква екипа. Затоа им помогнав на помладите да го тргнат притисокот. Го зедов тоа на себе и така полесно играа. Тоа го договорив со селекторот кога ја презеде репрезентацијата, бидејќи тој навистина веруваше во оваа генерација. Не ми беше проблем да бидам на клупата, ниту да трчам повеќе од помладите. Тоа беа моите последни години во репрезентацијата и се случи да се пласираме на ЕП.
Што ти се вртеше низ глава кога го постигна голот против Грузија кој ве однесе на ЕП? Имаше 40 минути до крајот...
Само се надевав дека така ќе заврши натпреварот. Мислев дека Бог рече дека ќе постигнам гол и ќе одиме на првенството. Имав чувство дека победуваме. Знаев дека тоа може да биде последен меч во мојата кариера и дека сакам да се збогувам на ЕП.
Дали македонскиот фудбал го искористи тој резултат за да напредува или сè се врати како по старо?
Жал ми е што ќе го кажам ова, но сè се врати по старо. Во Македонија работат луѓе кои не ги интересира фудбалот. Отидовме на ЕП, а не искористивме ништо од маркетинг, спонзори... Кај нас се случува екипи да го откажат учеството во лигата една недела пред почетокот на сезоната. Тоа е вистински срам. Луѓето си го гледаат само личниот интерес. Жал ми е и се надевам дека нема да чекаме уште 30 години за да се пласираме на некое натпреварување, но мислам дека со овие луѓе сме на лош пат. Не е проблем репрезентацијата, туку помладите селекции каде играат деца кои не заслужуваат. Условите за игра се катастрофални.
Дали имаш амбиција тоа да го промениш или да поддржиш некој што би го променил?
Немам амбиција да бидам претседател на федерацијата. Но, сакам нашиот фудбал да се спаси од овие сегашни луѓе. Тие се погрешни луѓе. И јас имам свој клуб во Македонија, изградив спортски центар, сакам да вложам мои пари и да им помогнам на помладите категории... Но, кога работиш со вакви луѓе, треба да се свртиш настрана. Има и други спортисти кои му мислат добро на фудбалот, но кај нас премногу влезе политиката.
Колку е тешко да вложувате пари во таква средина?
Искрено, да се вратам 10 или 15 години наназад, не би го направил истото... Не би инвестирал во првиот тим, туку само во помладите категории. Првата лига ни е катастрофа. Немате помош од Федерацијата, никаков маркетинг, цените на играчите се смешни... Федерацијата потпишува договор за ТВ права, а клубовите не добиваат ништо. Ама што ќе правиш... Ќе продолжиме, ќе се бориме и ќе ги чекаме вистинските луѓе. Нашата лига е црнило и катастрофа“.
Колку често ги гледате децата на Академија Пандев? Има ли таленти?
Секако дека има. Струмица е расадник на таленти. Сега во првиот тим имаме дете од 2006 година. Тоа значи дека имаме нешто квалитетно и добро. Искрено се радувам кога ќе видам такво нешто.
Цело интервју кое имате и во видео верзија го имате тука.