Економската разлика помеѓу екипите кои играат во првата и втората лига се повеќе се зголемува, па челниците на лигите се обидуваат да им го ублажат падот на оние екипи кои се селат во понизок ранг. Токму затоа оваа финансиска помош во Англија ја нарекоа „падобран".
Најмногу за испаднатите се грижат Англичаните. Таму на екипите кои ќе испаднат од Премиер лигата им даваат по 68 милиони евра во период од 4 години.
Финансиска помош им следува и на екипите кои ќе испадната од Серија А, но многу помала од онаа во Англија. Екипите кои поминале 3 или повеќе сезони во Серија А ќе добијат 15 милиони, 10 милиони евра ќе добијат екипите кои одиграле 2 сезони, а новодојдените екипи кои нема да успеат да опстанат уште во првата сезона во Серија А ќе добијат 5 милиони евра. Втората сезона овие средства се преполовуваат.
Но и покрај тоа што средствата во Италија се далеку помали, овие екипи најверојатно попаметно ги искористуваат. Дури 4 од 9 испаднати екипи во изминатите 3 сезони успеале да се вратат во Серија А, додека пак во Англија само 2 од 9 испаднати екипи се избориле за промоција во Премиер лигата.