Падна нов британски рекорд - Исак потпиша со Ливерпул

После неколку месечно тегавење, конечно на крај во последните мигови од летниот преоден рок, центарфорот на репрезентацијата на Шведска од Њукасл се пресели во Ливерпул и тоа за нов британски трансфер рекорд.

Англискиот шампион за Александар Исак ќе плати 125 милиони фунти плус бонуси што е нов британски рекорд, а
Ливерпул со него ќе потпише 6-годишен договор.

Клубот од „Енфилд Роуд“ претходно во јули и август достави неколку понуди до Њукасл но сите беа одлучно одбиени. Управата на Ливерпул сакаше по секоја цена да го доведе центарфорот и покрај тоа што новото засилување во нападот, Уго Екитике веќе се вклопи во екипата и постигна неколку гола.

Во август Ливерпул прати понуда од 110 милиони фунти која беше одбиена, а сега Њукасл ја прифати астрономската понуда од 125 милиони фунти!

Актуелниот првак во Премиер лига во меѓувреме не успеа да го доведе долго бараниот стопер од Кристал Палас, Марк Геје, 25-годишниот стопер имал дури и медицински прегледи на Енфилд но не успеал да ги помине и трансферот пропаднал затоа што тој влече некоја повреда.

Црвените летово веќе еднаш го урнаа британскиот рекорд откако платија 100 милиони плус 16 милиони од евентуални бонуси за најдобриот германски фудбалер Флоријан Вирц.

На Енфилд дојдоа уште и левиот бек Милош Керкез, десниот бек Џереми Фримпонг, голманот Ѓорѓи Мамардашвили, Армин Пеши и младиот стопер Џовани Леони.

Ливерпул потрошил 451,2 милиони фунти (без бонуси) што е највисока трансфер потрошувачка во историјата на Премиер лига!

Челси во 2023-та година потроши 401,2 милиони фубти.

Притоа Ливерпул ги продаде Луис Диаз, Дарвин Нуњез, Џарел Кванса, Каомин Келехер, Трент Александар-Арнолд, Тајлер Мортон и Бен Доак и од нив заработи околу 190 милиони фунти.

2 септември 2025 - 09:13