Додека на светскиот фудбалски пазар се тргува на големо со милиони, малите клубови кои немаат пари за да ги поправат тушевите во соблекувалните, а дресовите на фудбалерите им ги даваат да си ги перат дома, во потрага се како да создадат тим за новата сезона.
Раднички од Ириг, објави оглас во дневен весник бидејќи нема доволно фудбалери за да ја почне новата сезона. Се работи за клуб од место со 4.500 жители, кој се натпреварува во четвртата српска лига.
„Вистина е дека има таков оглас, во тешка ситуација сме, но се бориме. Така се бараат пакери, па зошто да не и фудбалери. Ни се јавија од неколку места, но ќе видиме кого ќе избереме. Скапи се патните трошоци. Ангажиравме до сега напаѓач од Сремска Каменица и играч од среден ред. Треба да ни дојде уште еден играч од Рума, а можеби и од Сремска Митровица. Мислам дека ќе бидеме комплетни“, вели претседателот на клубот Саша Грбиќ.
За сега на адресата на Раднички се пријавиле 19 играчи кои се потенцијални засилувања, а кој ќе добие шанса ќе се дознае многу брзо бидејќи Меѓуопштинската лига стартува овој викенд. Раднички е основан во 1938 година и никој не ни помислува да се откаже.
„Не ни помислуваме да згасне клубот. Тоа не доаѓа предви. Па каде ќе оди нашата младина? Нашите натпревари ги следат околу 300 гледачи, соседи, а играчите се најмногу од Ириг. Не поддржуваат максимално. Тешко е, но ќе опстанеме“, вели Грбиќ.
Барањето огласи е пракса и во македонската прва лига откако клубовите се трансформираа во акционерски друштва. Пред три години оглас за фудбалери објави Вардар, а лани Пелистер бараше 10 фудбалери со завршено средно образование.