Откако изгради школо, Садио Мане во родното село Бамбали гради и болница

Новиот документарец за најдобриот фудбалер на Африка во 2019, насловен Made in Senegal, покажува колку напаѓачот на Ливерпул бил трогнат од раната смрт на татко му па решил да изгради болница.

Од сите приказни за животот и кариерата на Садио Мане, документарката прикажува и една која посебно трогнува. 

Од почетокот на кризата со коронавирусот, Мане донирал 45.000 евра за својот роден крај каде лани изгради големо и модерно школо во своето село Бамбали. Сега финансира изградба на болница затоа што 17.000 жители во целата провинција немаат ниту една болница и мора да одат по други места.

„Знам колку е важна современата медицинска помош. Ние не успеавме да го спасиме татко ми само поради тоа што во Бамбали немаше болница“.

Наративот на Made in Senegal кој зборува за животот на крилниот напаѓач на Ливерпул оди од тоа како играл фудбал со грејпфрут во родното село Бамбали па до тоа како го крева пехарот во Лига на шампиони со Ливерул во 2019. Интервјуирани се Јирген Клоп и некои соиграчи од Ливерпул како Мо Салах и Ван Дајк.

Во документарецот Сане раскажува што го инспирирало, после изградбата на ново големо училиште во неговото родно село во Сенегал да финансира и изградба на модерна болница.

„Имав седум години, игравме на игралиште кога братучед ми дојде и ми рече: 'Садио татко ти умре'. А јас одговорив: 'Да, а? Се шегува, си помислив, не можев да го разберам.

Пред да почине татко ми, беше болен неколку недели. Му донесовме некој традиционален лек и тоа го смири три до четири месеци. Но болеста му се поврати и овојпат лекот не помогна. А во Бамбали нема болница, па мораше да го носат во соседното село да видат таму ако можат да му го спасат животот. Но не успеаа“, раскажува еден од најдобрите фудбалери во Премиер лига.

СЕСТРА МУ ЈА РОДИЛА БАБИЦА, ЗОШТО ВО СЕЛОТО НЕМААТ БОЛНИЦА НИТУ ПОРОДИЛНО

„Кога бев мал, татко ми стално ми викаше колку е горд на мене. Тој беше човек со големо срце. Кога умре, тоа многу ме погоди и мене и фамилијата. Си реков: „Сега морам да направам најмногу што можам да ја помогнам мајка ми. Тоа е голема мака со која треба да се соочиш кога си млад“.

Две децении подоцна, почнала изградба на голема болница финансирана од Садио Мане која треба да биде готова за шест месеци. Минатата година Мане изгради школо во своето родно село и кажа дека околностите на смртта на татко му биле најголема причина што станал филантроп во провинцијата Седиу каде Светската Банка проценила дека околу 70% живеат во сиромаштија.

„Се сеќавам дека сестра ми се роди дома зошто нема болница во нашето село. Тоа беше многу жална ситуација за сите. Сакав да изградам болница за да им пружам надеж на луѓето“.

ТАТКО МУ БИЛ ИМАМ ВО ЛОКАЛНАТА ЏАМИЈА, И САДИО Е ГОЛЕМ ВЕРНИК

Таткото на Мане бил имам и семејството секоја година на денот на неговата смрт чита делови од Куранот.

Садио како мал никако не можел да ги убеди неговите да го пуштат да тренира фудбал наместо да оди во школо, така што во еден момент избегал од дома на 15 години и отишол 700 километри далеку од своите за да игра фудбал во академијата „Generation Foot“ во главниот град.

Тогаш најмногу му помогнал другар му од детството Лук Џибуне.

„Тешко беше зошто немав никој зад мене да ме турка да го остварам сонот. Но никогаш не престанав да сонувам. Навистина беше храбро да се напушти семејството во селото и да се оди за Дакар, но знаев дека ќе успеам.

После тоа, мојата фамилија почна да ме сфаќа сериозно и знаеа дека не сакам да правам ништо друго освен да играм фудбал. Сфатија дека тоа е мој избор и ме поддржаа“.

Голема помош добил и од основачот на академијата Мади Траоре за кој Садио вели дека му бил како татко. Во 2011 година Траоре го праќа Мане во францускиот клуб Мец а по 18 месеци потпишува договор со богатиот Ред Бул Салцбург.

Во меѓувреме Сане како помлад беше главен играч на Сенегал кој стигна до четвртфиналето на Олимписките Игри 2012 во Лондон.

КЛОП: КОГА ПРВПАТ ГО ВИДОВ БЕШЕ ОБЛЕЧЕН КАКО РАПЕР И РЕКОВ НЕМА ШТО ДА ГУБАМ ВРЕМЕ

Тренерот на Ливерпул кој исто зборува во документарецот за Мане, се сеќава дека уште во 2014 имал шанса да го доведе Сенегалецот во Борусија Дортмунд но дека погрешил во проценката и судот врз основа на неговото облекување.

„Се сеќавам на нашата прва средба. Покрај теренот седеше млад дечко, имаше една линија обоена во сино. На прв поглед ми изгледаше дека е некој рапер. Си реков: 'Немам време за ова сега', се смее Клоп кога се присеќа на првата средба со тогаш 22-годишниот Сенегалец.

„Ми требаше играч кој не очекува дека ќе игра од прва минута и некој кој можев да го развивам како играч. Реков дека добро ги проценувам луѓето и талентот на играчите, но во тој случај со него тотално погрешив.“

Но две години подоцна Клоп ја исправил грешката и неправдата.

„Продолжив да го следам во Салцбург, па после и во Саутемптон каде беше многу доминантен. Садио е упорен, брз, технички многу добар. Многу направил во животот и многу се жртвувал за да биде тука каде што е. Посебен играч е и човек“.

И Садио го памети првиот разговор со Јирген:

„Рече дека сум бил како рапер. Но мислам дека дадов се од себе што да кажам друго? Тоа е дел од животот, никогаш не знаеш како ќе оди со луѓето. Но мислам дека тогаш тој згреши. Беше искуство и за мене исто. Знаев дека ќе треба да покажам повеќе за да се сретнеме пак“.

Мане сезонава има 18 гола и 12 асистенции во сите натпреварувања со Ливерпул и е најзаслужен за титулата во Лига на шампиони минатата пролет.

МАНЕ ГО САКА СЕЛОТО И СЕЛОТО ГО САКА МАНЕ

МАНЕ КОРИСТИ МОБИЛЕН СО СКРШЕН ЕКРАН И ГАЈЛЕ НЕМА