Иконата на италијанскиот фудбал полни 52 години, а кога ќе кажеш Роберто Баџо, нема што да се филозофира, сè е кажано. Препознатлив по репчето, бројот 10, лидерството, авторитетот и сите оние вонсериски фудбалски атрибути кои го красеа. Симбол на Серија А.
22 годишната кариера му се движеше вака: Виченца 1982–1985, Фиорентина 1985–1990, Јувентус 1990–1995, Милан 1995–1997, Болоња 1997–1998, Интер 1998–2000, Бреша 2000–2004.
Во 1993-та ја освои Златната топка, но севкупно во кариерата освои премалку трофеи во однос на тоа колку голем играч беше. Скудето, Куп на Италија и Куп на УЕФА со Јуве и Скудето со Милан, толку.
Тој е единствен Италијанец кој стрелал на три Мундијали и рекордер со 9 гола заедно со Паоло Роси и Кристијан Виери. Ах тоа пеналот против Бразил во финалето 1994. Жив се изеде.
Толку беше ѕвер што стана прв играч со 200 гола во Серија А, ама постигнати после возраст од 30 години. Да не ја должиме многу, туку да им дадеме простор на пет коментари за некои кои најдобро го опишуваат.
Карло Мацоне кој му беше тренер во Бреша:
„Беше точен, сериозен, а во недела победував благодарение на него. Имавме и еден договор. Кога одевме на гостувања не ми се допаѓаше тоа што навивачите не го оставаа на дише и секој пат го преполнуваа хотелот. Еднаш му реков: „Кога си уморен од потпишување автограми, допри ја главата и тоа нека биде знак дека треба да интервенирам“. Но потоа ми одговараше дека не можел да си дозволи да го изневери навивачите кои патуваат стотици километри за него“
Чезаре Кремонини, италијански пејач:
„Откако Баџо не игра, не постои повеќе недела како ден“.
Лучо Дала, италијански пејач:
„Баџо е снег кој врне од една отворена врата на рајот“.
Пеп Гвардиола:
„Во Бреша до мене на терен имаше еден господин. Сите го сметаа како божественост. Никогаш претходно не сум запознал таков играч со таков карактер. За прв пат почувствував страв од некого. Неговото име е Роберто Баџо“.
Хорхе Валдано, поранешен аргентински репрезентативец и член на Реал Мадрид:
„Сите трчаа додека тој кочеше. Сите играа на памет, а тој создаваше. Сите беа по стрес, а тој остануваше смирен. Во свет на играчи од среден ред кој не мислат со мозокот, Баџо е симбол на фудбалот кој го сакаме“.
16 мај 2004-та, последно коло во Серија А. Коментаторот вели вака:
„Во овој момент завршува една од најубавите кариера во историјата на италијанскиот фудбал“.
Потоа се гушка со легенда од ист таков ранг, Паоло Малдини. Сан Сиро е во транс.
Задолжително четиво за тие кои не растеа, па и растеа со него.