Од Драгослав до Јаспер - сите голмани кои Меси ги матирал на Светски првенства

Капитенот на Аргентина во недела ќе ја поведе својата селекција во големото финале на Светско првенство. Лео го игра својот петти Мундијал. Дебитираше во 2006-та и од тогаш до денес, матирал дури 11 голмани на најголемите фудбалски собири.

Во 2006-та Аргентина како прва помина групна фаза и го елиминираше Мексико во осминафинале, но во четвртфиналето потклекнаа пред домаќинот Германија. На овој Мундијал Меси го постигна својот прв гол на Светски првенства. До денес постигна 11 погодоци и го дели шестото место на вечната листа.

На вечната листа најдобри стрелци на Светски првенства и натаму неприкосновен е Мирослав Миро Клосе кој во дресот на Германија на Мундијалите постигна неверојатни 16 гола!

тор зад него е Бразилецот Роналдо. Феноменот освои две светски шампионски титули (1994 и 2002) и постигна дури 15 погодоци на Мундијалите. Трет е Герд Милер (Германија) со 14, четврти е Жист Фонтен (Франција) со 13, петти е легендарниот Пеле со 12, а Меси го дели шестото место со Кочиш (Унгарија) и Јирген Клинсман (Германија) со 11 погодоци.

На Лео му треба уште еден гол да го стигне Пеле на 5. позиција, а во меѓувреме аргентинската 10-ка стана најдобар асистент на Мундијалите уште од Пеле и 1966-та со 5 асистенции. Лео притоа одиграл дури 25 меча на Светските првенства, се израмни со Лотар Матеус и сега му фали уште само еден, финалето во недела за да се качи на врвот како играч со најмногу настапи на Мундијали.

На оваа листа, Меси со 26 ќе биде апсолутен рекордер. Зад него остануваат Матеус со 25 натпревари на Мундијали, Миро Клосе (24), Паоло Малдини (23), Кристијано Роналдо (22), Диего Марадона (21), Уве Селер (21), Владислав Змуда (21), Кафу (20), Филип Лам (20), Грегорж Лато (20), Хавиер Маскерано (20), Баштијан Швајнштајгер (20).

ПРВИОТ ГОЛ ВО 2006-ТА

Меси го прослави дебитантскиот погодок на Мундијали во 2006-та, на мечот против Србија и Црна Гора кој гаучосите го добија со убедливи 6:0. Тогаш на свои 18 години влезе од клупата за резерви во 74’ минута наместо Макси Родригез и го совлада Драгослав Јевриќ.

Тоа му беше единствен погодок.

После четири години, на Мундијалот 2010-та во Јужна Африка, Меси не постигна ниту еден гол. Во 2014-та на големиот спектакуларен Мундијал во Бразил, Лео отвори со гол против БиХ во победата 2:1.

На вториот меч од групата, против Иран, Меси одново направи магија за победа во 90+1’ минута од минимални 1:0. А во третото коло блесна со два нови гола во победата 3:2 над Нигерија.

Аргентина стигна до финалето каде загуби од Германија со 1-0 длабоко во продолженијата.

На ред дојде и Русија 2018 каде Аргентина ја водеше Хорхе Сампаоли. Лионел тогаш разработи дури од 3. коло на мечот против омилената Нигерија кога го отвори резултатот во триумфот од 1:2.

Аргентинците испаднаа од посилната Франција.

И сега, во 2022, на свои 35 години Меси игра чудесно Светско првенство. Веќе има Лео 5 гола (3 од пенал) и 3 асистенции. Капитенот на гаучосите постигна гол од пенал на отворањето во сензационалниот пораз 1:2 од Саудиска Арабија. Даде гол и во второ коло во победата 2-0 над Мексико.

Ја реши и Австралија со гол и асистенција, а блескаше и со Хрватска со гол и асистенција до двојниот стрелец Хулиан Алварез.

Вкупно 11 погодоци на 5 Светски првенства. Топката од мрежата после негови удари на Мундијали ја ваделе: Драгослав Јевриќ, Асмир Беговиќ, Алиреза Хагиги, Виктор Енејама, Франсис Узохо, Мохамед Ал-Оваис, Гиљермо Очоа, Метју Рајан, Андриес Ноперт, Доминик Ливаковиќ, Јаспер Силесен.

Иго Лори со кого ќе се сретне во големото финале во недела, Меси пред четири години не го матираше во голеадата 4:3 за Франција на Светското 2018, иако во септември истата година го совлада два пати маестрално во триумфот 2:4 на Барселона на „Вембли“ против Тотенхем во Лига на шампиони и знае како со него да се справи.

Од друга страна, Лорис може да стане прв капитен во историјата кој два пати го кренал највредниот трофеј во фудбалот - оној наменет за светски шампион.

16 декември 2022 - 14:26