Нов неверојатен камбек на Баер Леверкузен - серијата уште трае!

Новиот германски шампион ја продолжи ненормалната серија на 45 меча без пораз откако во неделата во дербито со Борусија Дортмунд израмнија со гол буквално во последни секунди од мечот. Ова е којзнае веќе кој натпревар Леверкузен да дава гол во последни моменти од натпреварот. Доказ за нивната шампионска храброст.

Големото дерби Борусија Дортмунд - Баер Леверкузен мина со многу шанси, но резултатот се отвори дури во 81’ минута кога шпицот на БВБ Никлас Филкруг, германскиот репрезентативец со прекрасен волеј ја затресе мрежата на гостите.

Ова беше 12-ти сезонски гол за Филкруг кој има и 8 асистенции (лани за Вердер имаше 16 гола и пет асистенции).

Баер Леверкузен упорно се обидуваше да се врати во мечот, долго време пробуваа и тоа им успеа буквално во последните моменти од мечот кога Јосип Станишиќ со супер гол со глава во 90+7’ минута им ја украде победата на домаќините:

ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ, ОВА Е 11-ТИ МЕЧ НА КОЈ ЛЕВЕРКУЗЕН ДАВА ГОЛ ВО СУДИСКО ПРОДОЛЖЕНИЕ

За лудата серија на Баер Леверкузен без пораз сигурно ќе има документарци, филмови, репортажи, статии...

Новиот германски првак сезонава дури 11 пати постигна гол по истекот на 90-та минута! Никој никогаш немал таков учинок.

Пазете ја добро серијава:

Со Баерн Минхен гол во 90’+4 за 2:2
Со Карабах гол во 90’+4 за 1:0
Со Аугсбург гол во 90’+4 за 1:0
Со РБ Лајпциг гол во 90’+1 за победа 3:2
Со Штутгарт гол во 90’ за победа 3:2
Со Карабах гол во 90’+3 прво за израмнување 2:2
Со Карабах гол во 90’+7 за 3:2
Со Хофенхајхм гол во 90’+1 за 2:1
Со Вест Хем гол во 89’ за 1:1
Со Борусија Дортмунд гол во 90’+7 за 1:1

Баер Леверкузен ја продолжи серијата без пораз на 45 меча во сите турнири. Собраа 38 победи и 7 нерешени со што се апсолутни рекордери во најдобрите Топ5 лиги во Европа. Нивната серија започна на почеток на сезонава 2023/2024. Последниот пораз им датира дури од последното коло минатата сезона кога изгубиле 3:0 од Бохум.

Од тогаш до сега заборавиле на горчината на изгубен меч.

Рекордот кој досега го држеше Јувентус со 43 меча без пораз во сезоната 2011/2012 Баер Леверкузен го урна минатиот четврток кога кај Вест Хем на гости ремизираше со гол во 89’ минута.

Баер Леверкузен е единствен германски клуб во историјата со таква серија. Толку долго не издржал ни Баерн Минхен во најславните денови.

На 27-ми април Баер Леверкузен дома ќе го пречека Штутгарт во Бундеслига а во игра се и за злато во германскиот Куп каде ги чека финале со Кајзерслаутерн и во полуфинале на Лига Европа каде ќе се судрат со Рома.

22 април 2024 - 08:41