Кога репортер на познатиот шпански лист AS дошол на гости во домот на семејството Вилијамс, прв го сретнал Ињаки, лидерот на Атлетик Билбао, првиот црномурен Баскиец кој заиграл за овој клуб. Ињаки се оженил летово но наместо меден месец, решил да оди да гледа Еуро2024.
- Нико оди на Европско. Ќе го гледате ли?
„Секако, ние сме семејство. Братот заслужи повик, а јас одамна навивам за него“, низ смеа одговорил Ињаки Вилијамс, врвниот голгетер на Атлетик Билбао кој со години е лидер на оваа екипа.
На големиот европски класик Италија - Шпанија, Нико Вилијамс „маста им ја вадеше“ на италијанските бекови во прв ред на капитенот на Наполи Џовани Ди Лоренцо.
ТАТКО ИМ РАБОТЕЛ НА СТАДИОНОТ НА ЧЕЛСИ, МАЈКА ИМ СЕ ЈАВУВАЛА СРЕДЕ НАТПРЕВАРИ ДА СЕ РАСПРАВА
Нико Вилијамс е помладиот од двајцата браќа. Роден е во јули 2002-ра година во Памплона. Тој е втор син во семејството на Феликс и Марија, мигранти од Гана кои на времето пешки преку Сахара тргнале за Шпанија во потрага по подобар живот.
Во Гана царувала економска криза, луѓето едвај преживувале и како можеле се спасувале од бедата.
Ние еднаш пишувавме за приказната на ова прекрасно семејство. Мајката Марија како бремена додека го носела Ињаки, а таткото со прегорени стопала од жешкиот сахарски песок ја поминале пустината и некако стигнале на пат до европско тло. Стасале до градот Мељила, последниот пункт пред влез во Шпанија. Таму биле уапсени од стражарската полиција.
Дошол адвокат кој ги бранел и кој кажал дека бегале од војната во Либерија каде страшниот воен виор веќе косел. Феликс и Марија имале среќа да бидат регистрирани како бегалци и биле пратени во Билбао.
Таму ги венчал локалниот свештеник Ињаки Мардонес кој станал голем пријател на семејството а нивниот прв син го крстиле Ињаки токму по него. Свештеникот им помогнал многу да се навикнат на новиот живот.
„Никогаш нема да го заборавам тоа што го преживеале моите родители. Тоа ме прави посилен.Тие направија такво патешествие за ние со брат ми да можеме да пиеме вода и да одиме во школо секој ден. Тие го немале тоа“, раскажал еднаш Ињаки а помалиот брат Нико кој растел во Шпанија додал: „Не може да се опише со зборови колку сум им благодарен на родителите. Тие кичма искршиле за нас. Сега семејството од ништо не е ускратено. Тоа е она што јас и брат ми мораме да го сториме. Нашите достигнувања се достигнувања на нашите родители“.
Но проблемите на семејството Вилијамс не завршиле со Сахара. Во време кога мајка им Марија забременила по втор пат, семејството од административни причини морало да го напушти домот каде биле сместени со помош на свештеникот Ињаки.
Живееле во Памплона но немале доволно пари, а во Билбао не се наоѓала лесно работа. Тогаш Феликс се решил на очаен потег: отишол да работи во Лондон и наскоро станал работник кај стадионот „Стемфорд Бриџ“.
Малиот Ињаки тогаш за првпат се запознал со фудбалска топка и ги правел првите чекори, а воспитанието во отсуство на татко и припаднало на Марија. Нико, пак, помалиот, е „мамин син“. „Мама насекогаш ќе биде мој ориентир. Мама е закон. Таа дошла во Шпанија во потрага по храна и покрив над глава, многу страдала и плачела, но се борела за нас. Се што правам и го посветувам на неа“, вели Нико, шпанскиот репрезентативец.
Ињаки Вилијамс стигнал дури до Атлетик Билбао, најголемата баскиска гордост за која играат само и само Баскијци, односно играчи родени во Земјите Баскијски. Ињаки стасал дури и до првиот тим, стана првиот црномурен фудбалер на Атлетик Билбао и капитен на оваа екипа.
НИКО НЕ ОТИШОЛ ВО АСТОН ВИЛА ПОРАДИ БРАТ МУ
Кога татко им Феликс отишол во Лондон, побарал од малиот Ињаки да го чува малиот Нико, да го пази. Овој многу сериозно се внел во улогата. Тренирал во академијиата на Атлетик Билбао и после секој тренинг брзал дома да го чува малиот додека мајка им не се врати од работа. Никогаш не се жалел.
Кога го потпишал својот прв договор со Атлетик Билбао побарал и 10-годишниот Нико да дојде на проба. Но Нико не ги воодушевил тренерите. Играл добар фудбал но отишол да тренира во соседна Осасуна.
После една година луѓето од Атлетик Билбао не сфатиле како е можно да пропуштат таков талент, брзо го вратиле Нико во академијата и го обединиле повторно семејството.
„Ињаки му е херој на Нико, негов главен пример. Тие тешко живееле во детството. Ињаки има најголема одговорност пред помалиот. Тој му станал суперхерој на Нико како и мајка му. Ињаки тешко го преживуваше тој период но му олесна кога повторно го соединија со брат му во фудбалската школа. Кога играш за родниот тим, секогаш даваш повеќе“, вели спортскиот директор на Атлетик Билбао, Микел Гонзалес.
Во 2013-та година тато Феликс се вратил дома. Ињаки веќе бил префрлен во прв тим поради врвниот талент, па со пари станало далеку полесно.
Нико пораснал, но Ињаки и натаму е негов главен компас. Негов другар, брат, но и советник по кариера.
Пример минатото лето богатата англиска Астон Вила дошла во Билбао со раскошна понуда за Нико Вилијамс. Тренерот Унаи Емери (и самиот Баскиец) добро ги познава браќата па сакал да го доведе одличниот фудбалер од среден ред Нико. Унаи Емери дури и лично дошол да го бара Нико Вилијамс за кого биле спремни да платат 50 милиони евра.
Вилијамс-помладиот побарал време да размисли. Но Ињаки му „ставил вето“. Никаква Англија. Ако си оди од Атлетик Билбао тоа да биде само за Реал или Барселона. Никако во странство. Нико го послушал и внимателно ја одбил понудата.
НИКО БЛЕСНА ВО АТЛЕТИК ПОД ЕРНЕСТО ВАЛВЕРД
Познатиот шпански тренер Ернесто Валверде кој едно време ја водеше и Барселона, е уште една важна личност во животот на Нико Вилијамс. Иако тој дебитираше уште кај тренерот Марселино, кај Валверде почна да покажува класа. Марселино прво го ставил на крило, да игра поофанзивно на десна страна а овој добил слобода да оди почесто во дриблинг. Со Марселино во првата сезона немал многу голови и асистенции, со Валверде се се сменило.
Нико стана стандарден првотимец на Атлетик Билбао. Ернесто го префрлил од десно на лево крило каде добил пространство и слобода. „Тој е фантастичен играч кој може да стане наша легенда. Главно што тренер треба да стори е да има доверба. Јас верувам во Нико. Дури и кога не дава сè од себе, брат му го укорува и тоа многу подобро од мене“, вели Валверде.
Нико стана еден од најдобрите дриблери по процент на успешност во Шпанија. Повеќе од него има само брзиот Винисиус од Реал Мадрид. Нико Вилијамс може да игра на кое било крило, но на лево му е покомфорно. Сезонава запиша дури 11 асистенции.
Сјајните игри го препорачаа кај селекторот на Шпанија Луис де ла Фуенте, а овој врати со прекрасни игри на Еуро2024. За разлика од Ињаки Вилијамс кој се реши да игра за Гана, земјата на неговите родители и дури и настапи на Афрички Куп на нации, Нико остана верен на Шпанија. На натпреварот против Италија кој го добија 1:0, Нико беше прогласен за најдобар играч на натпреварот.