Детето на бегалци преку цела Сахара, симбол на Билбао кој 6 години не пропуштил ниту еден меч во Ла Лига

Неверојатно достигнување на црномурниот Баскиец, идол на многу генерации во Билбао, дете на бегалци од граѓанска војна во Либерија кои преку цела Сахара стигнале до Мелиља.

Напаѓачот и најдобар играч на Атлетик Билбао, Ињаки Вилијамс ја продолжи својата неверојатна серија: во неделата го одигра 227-от меч по ред во шпанска Примера (189 како стартер во прв тим).

Нема пропуштено натпревар во Ла Лига верувале или не од 17 април 2016-та кога не се нашол на клупа за резерви за мечот со Малага поради повреда на бутен мускул. Од тогаш до сега поминале 6 години и два дена.

Просто неверојатно. Ниту еден друг играч во цела Шпанија, а најверојатни и во Европа нема толку долга серија во прва лига.

ИЊАКИ ВИЛИЈАМС ГО УРНА РЕКОРДОТ И ПОСТАВИ НОВ МИНАТАТА ЕСЕН

Во октомври 2021-ва, минатата есен, на средбата со Алавес, црномурниот Баскиец го достигна рекордот на Хуан Антонио Ларањага (63) од Реал Сосиедад. Ларањага одиграл 202 натпревари по ред без прекин во еден ист клуб. Неговата серија започнала во јуни 1987 против Севиља, а завршила во ноември 1992 со Реал Овиедо.

Од тогаш Ларањага (63) бил рекордер во шпанскиот фудбал по одиграни натпреври по ред без прекин.

За новиот рекорд кој го постави крилниот напаѓач и центарфор на Атлетик Ињаки Вилијамс, Ларањага вели:

„Најневеројатно во приказната со Вилијамс е тоа што тој е напаѓач. Има тешка позиција за така долга серија натпревари. Напаѓачите обично се изложени на многу удари. Морате да сте добро спремни да играте натпревар по натпревар. Ова го кажувам зошто и самиот патев секој ден и секоја недела. Не давав секогаш 100% од своите можности, зошто многу пати играв со болка.

И како резултат на тоа, добив трауматски артрит на големиот палец на ногата“.

На трето место на вечната листа фудбалери со најмногу настапи по ред без престан е уште еден поранешен фудбалер на Реал Сосиедад, голманот Луис Арконада чија серија траела од април 1978 до декември 1983. Тој бранел без прекин на 188 меча по ред!

ИЊАКИ ВИЛИЈАМС Е ОМИЛЕН МЕЃУ БАСКИЈЦИТЕ

Црномурниот Шпанец е роден во Билбао, во семејство на бегалци од Гана кои поминале права голгота на времето. На 18 години Ињаки се нашол во првиот тим на Атлетик каде тренирал од претходно. За сениорски состав дебитирал во декември 2014-та а од тогаш за симболот на Билбао и Баскија одиграл 333 меча и постигнал 74 гола!

Во април 2016-та Ињаки често се повредувал и никој не ни помислувал дека токму тој би можел да направи ваква серија. Во сезоната 2015/2016 Вилијамс имал проблеми со скочен зглоб, со бутен мускул а дури и доживеал скршеница, па поради четири повреди пропуштил 24 натпревари таа сезона.

После тоа решил да се посвети на својата подговетност. Многу работел со цел да ги зајакне мускулите и коските. Во меѓувреме три месеци паузираше со фудбал поради пандемијата која ги прати сите во карантин.

Летото лани Ињаки тешко се вратил на терен. „После паузата, да бидам искрен, топката ми изгледаше како квадрат а не округла. Техника се губи после толку долга пауза. Да се споиш пак со топка беше тешко но пријатно“, изјавил Ињаки Вилијамс за тв каналот Movistar по враќањето на европскиот фудбал од карантин.

Од тогаш напаѓачот го продолжи договорот со саканиот Атлетик Билбао. Сега тој има важност до јуни 2028 година. 

НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ ЈА ПОМИНАЛЕ САХАРА ПЕШКИ ЗА ДА СТИГНАТ ВО ШПАНИЈА

Класата на Ињаки Вилијамс, еден од најдобрите фудбалери на Атлетик Билбао во историјата, е голема заслуга на неговите родители. Шпицот за тоа раскажал во едно големо интервју:

„Јас сум дојден тука од Памплона, но роден сум во Билбао. Моите родители се од Гана. Ја поминале пола Африка за да стигнат до Мелиља. Буквално пешки го поминале цел тој пат“.

Мелиља е шпански град на северниот брег од Африка. Родителите на Ињаки Вилијамс се сретнале во логор за бегалци во Акра, главниот град на Гана каде бегале од граѓанската војна во Либерија. Од Акра до Мелиља има повеќе од 4.000 километри и цела сурова пустина Сахара.

Патот им бил многу тежок.

„Да кажам искрено, татко ми од тогаш изгубил чувство на табаните. Мајка ми принела многу жртви но таа е силна жена. Ми раскажа дека многу од сопатниците не ја поминале пустината и ги погребувале тука баш во пустина.

Понекогаш оделе со комбе по пат и во него биле напикани по 40 луѓе. Мајка ми ми раскажуваше за крадци кои ограбувале луѓе кои биле на пат за Шпанија или друга земја за подобар живот“, ја раскажал лидерот на Атлетик Билбао тешката судбина на неговите родители.

По преминот на границата со Шпанија родителите на Вилијамс завршиле во затвор. Но таму дошол адвокат кој им рекол: „Покажете документи и кажете дека бегате од војна“.

Така мајката и таткото на децата фудбалери (и брат му на Ињаки е важен првотимец на Атлетик Билбао) биле регистрирани како бегалци од Либерија. Тие документи правникот ги однел кај познат човек од социјалните служби во Билбао. Во интервју Ињаки рекол дека се обиделе да го пронајдат тој човек денес и да го наградат, но не им успеало ни на мајка му ни на татко му зошто не помнат ништо за него.

Во Билбао семејството Вилијамс било прифатено топло. Ги примил локален свештеник кој примал бегалци кај себе. о викале Ињаки Мардонез и тој многу им помогнал на мајка му и татко му на фудбалерот. Во негова чест го крстиле и на новоредоното бебе кое ќе стане рекордер на големиот Атлетик Билбао. А Мардонез им бил кум.

„До ден-денес редовно се слушаме со него, одам кај него на гости, зборуваме за животот. Тој е сега во Африка и се занимава со волонтерска работа“, вели центарфорот на Атлетик.

Вилијамс е бескрајно благодарен на Шпанија и посебно на Билбао и добрите луѓе од овој град. Затоа вели дека без нивната добрина не би имал толку успеси. Тој стана и успешен репрезентативец на Шпанија.

 „Сето тоа ме прави посилен. Благодарен сум им на моите родители за тоа што станав тој што станав. Тие ме научија дека во животот се доаѓа со голем труд и посветеност. Моите родители направиле такво патешествие за да јас и брат ми (Нико дебитирираше за Атлетик во април 2020-та).

КОЈ Е РЕКОРДЕР ВО ДРУГИТЕ ТОП ПРВЕНСТВА? АПСОЛУТЕН Е ЗЕП МАЈЕР ОД БАЕРН МИНХЕН

Меѓу актуелните фудбалери во Европа му нема рамен на Ињаки Вилијамс по бројот на одиграни средби по ред без прекин. Но во историјата имало големи легенди па така ден-денес лидер во Италија е голманот Франко Танкреди (Рома) кој одиграл 258 меча по ред. Во Франција првото место го држи голманот Фабиен Кул (307 меча) кој цела кариера бранел за Оксер а рекордер во Премиер лига е Бред Фридел, легендарниот голман кој бранел на неверојатни 310 меча по ред!

Но сите тие се зад невозможниот Зеп Мајер од Баерн Минхен кој бранел на 442 натпревари без прекин! Просто неверојатно. Цели 13 сезони по ред не пропуштил ниеден меч. Серијата му завршила жално зошто по еден пријателски меч со Улм во јуни 1979-та година доживеал сообраќајка поради која ја пропуштил цела сезона а после решил да ја заврши кариерата.

19 април 2022 - 10:58