Еден од фудбалерите кои ги вклучи во живо беше и Горан Пандев со кој во релаксиран разговор успеа да изнуди интересни одговори и моменти од кариерата кои прв пат ги кажува јавно. Како на пример начинот на кој Ето станал крило во Интер, потоа кога Игуаин му дошол под балкон пред трансферот во Галатасарај и повикот на Мурињо во хотелска соба.
ЗА ПОЧЕТОЦИТЕ
Дебитирав за Беласица на 16 години во втора лига. Со 17 играв во прва и потоа на 18 ме продадоа во Интер. Бев во младинците на Интер и после 25 години со таа екипа ја освоивме Примавера. Секој четврток на тренинг игравме против првиот тим во кој тогаш беа Виери и Роналдо. Тој е играч од друга планета и за мене најдобар на сите времиња.
ДЕНОВИТЕ ВО ЛАЦИО И ПРОБЛЕМИТЕ СО КЛАУДИО ЛОТИТО
Имав уште една година од договорот и потоа ми нудеа да потпишав нов. Тогаш го играв најдобриот фудбал според мене и чекав цело време нов договор, но немаше ништо. Отидовме на подготовки, а таму тренерот Балардини ме викна и ми кажа: Ти си важен играч, сакам да бидеш капитен, ама треба да го потпишеш новиот договорот. Му кажав дека ќе размислам, а тој ми одговори дека треба веднаш да потпишам. Тука почнаа големите притисоци и не ме зема за Супер Купот. Добивав закани преку навивачите и почнавме да се тужиме.
ТРАНСФЕРОТ ВО ИНТЕР
Додека се наоѓав во Струмица ми се јави менаџерот да ми каже дека ме бара Мурињо. Мислев дека се шегува. Мурињо ми кажа, ние се враќаме од Дубаи и те чекаме во Милано. Сакаш ли да бидеш дел од нашата фамилија, сакаш ли да освоиме сè? Му прашав каде ќе играм јас кога ги има Ето, Балотели, Арнаутовиќ, но на крајот се договоривме.
Кога бев во хотелот ми се јави Мурињо и ме викна кај него во соба: Утре играш прва постава, кога нема да можеш повеќе, крена рака и ќе те направам измена. Ми беше чудно затоа што шест месеци тренирав сам и не играв натпревари. Сите се чудеа зошто играв јас, но Мурињо е фантастична личност, застана зад мене ја презеде цела одговорност. На крај победивме и немаше потреба никој да се правда. Потоа дојде дербито на кое дадов гол, а Мурињо го прослави како да е негов голот.
КАКО МУРИЊО ГО СТАВИЛ ЕТО ДА ИГРА КРИЛО
Пред меч против Челси, Мурињо пред сите во соблекувалната во која беа и претседателот и директорот рече: Ако Ето прифати да игра крило, ќе освоиме ЛШ. И тука Ето немаше кај да оди и мораше да прифати. На крајот и ја освоивме.
ЗА ФИНАЛЕТО ВО ЛШ
Цела вечер не спиев. Кога излегов на стадион не знаев кај се наоѓам. Така беше во првите пет минути, а после натпревар како натпревар. Инаку јас и Цезар на крај бевме на допинг контрола и останавме до 2:30 часот.
ЗА ТРАНСФЕРОТ ВО ГАЛАТАСАРАЈ
На крајот од сезоната во Наполи им кажав дека сакам да си одам ако има прилика. Цело лето немаше ништо конкретно. Дојде 31 август последниот ден од преодниот рок и се помирив и го фрлив телефонот. Но Игуаин кој инаку живееже до мене ми викна од балкон за да ми каже дека ме бара Снајдер. Го земав телефонот и кога гледам 20 пропуштени повици од него. Така се случи до крајот на денот да бидам во Инстанбул.
ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Јас сум долги години во репрезентација и ова сега што го имаме, како другарството не било претходно. Ги менувам сите трофеи за да се пласираме на Европско. Жално е што не игравме во март, со душа го чекавме овој натпревар.
ЗА КУЛУШЕВСКИ
Лично не го познавам, но како играч е топ, голем квалитет. Жално е што не избра да игра за нас, но тоа е. Кога игравме еден против друг дојде се поздравивме, зборуваше италијански, веројатно не знае ниту македонски. Со него ќе бевме уште посилни во средина.
НАЈДОБАР СТАДИОН НА КОЈ НАСТАПИЛ
Сантијаго Бернабеу.
ЕКИПА КОЈА ИГРА НАЈУБАВ ФУДБАЛ
Аталанта и Лацио во Италија, а општо Ливерпул.
ЗА КРАЈОТ НА КАРИЕРАТА
Нема да се вратам доле за да ја завршам кариерата, макар тоа било и во Академија Пандев. Веќе реков дека тоа ќе биде во Џенова. Не оди на овие години да се вратам дома.
На тоа Несторовски се надоврза
По тие ливади на кои се игра и Меси да дојде ќе го навредуваат. Колку само навреди имаме слушано по тие терени.