Луис било едно од најталентираните деца од клубовите од северна Шпанија од каде скаутите на Барселона ангажирале млади играчи. Тој бил дел од младинската академија на Спортинг Хихон и испратен на позајмица во Ла Брана каде со многу леснотија ги тресел мрежите.
Неговиот прогрес уште од 11 годишна возраст го следел Исидоро Санчез, а според критериумите на Барселона, потенцијалниот член освен што требал да покаже голем талент, морало да биде воспитано момче и надвор од теренот.
Во април 1988 година со неполни 18 години тој добил шанса да се докаже во престижното каталонско семејство и заедно со скаутот на Барселона отпатувал во нивната тренинг база.
Но работите уште на стартот тргнале килаво. Луис Енрике од голема возбуда за тестот кој го очекува, го загубил авионскиот билет за назад. Од клубот му купиле нов и го сместиле во најблискиот хотел до „Камп Ноу“.
На првиот тренинг кој бил закажан во вторник Енрике почнал да чувствува болки во мускулите, проблем со кој претходно не се соочувал. Од клубот решиле да му дадат одмор во наредните два дена се до петок кога бил закажан натпревар меѓу младинците на кој играл и Тито Виланова.
По средбата Луис Енрике имал средба со еден од тренерите кој не го пофалил за прикажана игра, а на Исидоро му било кажано дека нема потреба повеќе да ја следи неговата кариера. Енрике бил свесен дека не бил доволно добар на теренот, а според Исидоро неговите болки на првиот тренинг се појавиле како резултат на голем стрес и нервоза кои го спречиле да се докаже во така голем клуб.
По враќањето во Спортинт Хихон каде настапуваше две сезони, Енрике потоа беше член на Реал Мадрид во периодот од 1991 до 1996 година. Судбината потоа го однесе во големиот ривал Барселона каде ја заврши кариерата со седум освоени трофеи.
Младиот тинејџер за кој гигантот Барселона се покажа како стресно место за докажување, по играчката, а потоа и тренерска авантура во Б тимот, сега доби шанса да се прослави и како стратег во првиот тим кој ќе го води наредната сезона.