Неповторливата голманска легенда на Баерн кој направи ненадминлив потег во игра еден на еден

Кога се отвора малку постар ретро муабет за германски фудбал се почнува со Франц Бекенбауер, на кој се надоврзува Герд Милер, а во пакет со нив двајца оди Зеп Мајер. И тоа е трио, како една задолжителна лекција која треба, односно мора да се знае.

Во наше време поим за голман на Баерн Минхен и Германија беше Оливер Кан, сега е Мануел Ноер. Ако прашате дома за порано, татко ви ќе почне да ви раскажува за Зеп Мајер.

Не е грев ако не го знаете бидејќи денеска полни 80 години, ама треба да го знаете. Има еден легендарно парче видео кое многу сè има вртено на интернет и кое денеска Баерн Минхен го постираше на Твитер во негова чест.

Епа Мајер е тоа, јунак на овој генијален изум за тоа како да се заврши игра еден на еден на аут линија. Мислиш Миле Паника е.

За фудбалот, особено во една професионална лига како германската ова е сосема неочекуван потег, но кога е во прашање тој, нема простор за чудење. Зеп Мајер важел за многу забавен и откачен лик со многу хумор во него кој го вадел на терен, но и во разни телевизиски шоуа.

На еден натпревар со неговиот Баерн до толку му било досадно, што почнал да брка патка која залутала на терен, што не му е работа се разбира.

Покрај неговите голмански подвизи, бил познат и по своите долги шорцеви и станал првиот голман што ги носел сега стандардните, големи, „Мики Маус“ ракавици.

Зад неговото име во историјата ќе остане запаметено и следново необично сценарио по кое преминал во младинскиот сектор на Баерн Минхен.

Како дете играл на позиција напаѓач за тимот по име Хар и кога на меч против Баерн им се повредил голманот, тој ги ставил ракавиците и почнал да брани. Како завршил мечот? 12:0 за Баерн. Каде завршил Мајер потоа? Во Баерн.

Гигантот во која ќе ја мине цела кариера. Три години во школата, а потоа 18 во првиот тим (1962-1980). А сега да ги тргнеме на страна патките и заебанциите покрај аут линија.

Зборуваме за рекордерот по број на настапи во историјата на баварците со 706 одиграни средби. Рекорд кој по 44 години има можност да му го сруши Томас Милер.

Внимавајте добро. Неверојатниот Зеп Мајер за Баерн Минхен бранел на 442 натпревари без прекин. Цели 13 сезони по ред не пропуштил натпревар. Серијата му завршила по еден пријателски меч со Улм во јуни 1979-та година кога направил сообраќајна несреќа, поради која ја пропуштил цела сезона, а потоа решил да ја заврши кариерата.

Триото Зеп Мајер-Франц Бекенбауер-Герд Милер е всушност 'рбетот на Баерн Минхен и германската репрезентација во тоа време.

Заедно имаат освоено три европски титули по ред и четири титули во Бундеслигата, а со националниот тим станаа светски и европски прваци. Во финалето на Мундијалот 1974-та ја совладаа Холандија со Јохан Кројф и тоа во Минхен, родниот град на Мајер.

Неговата авантура со Баерн и Германија не заврши во играчките денови. 16 години беше тренер на голманите во репрезентација и 14 во Баерн.

Во 2004-та Јирген Клинсман му го раскинал договорот бидејќи зборувал во корист на Кан на темата кој треба да брани за Германија, Оливер Кан на кој Мајер му беше ментор во Баерн или Јенс Леман од Арсенал. 

Во Баерн продолжи да работи сè до пензионирањето во 2008-ма, а следната година баварската влада му даде награда за животно дело.

10 минутен документарец на Баерн во чест на неговиот роденден.

 

28 февруари 2024 - 15:22