Некои за Вембли во боите на израелско знаме, други им викаат седете мирни

И покрај тоа што британската влада им напишала отворено писмо на сите спортски федерации во кое ги охрабрува недвосмислено да ги осудат нападите врз Израел и да застанат силно во поддршка на оваа земја, од Фудбалската асоцијација на Англија, барем засега, не би „ставале зачин во туѓи чорби“.

Владата на Велика Британија не побарала стриктно од ФА (Фудбалска асоцијација на Англија) да го обои големиот и фамозен свод на прекрасниот стадион Вембли во боите на израелското знаме иако такви предлози се слушале деновиве во англиската јавност во пресрет на фудбалските настани кои следуваат.

Англија во петок игра пријателски меч против Австралија, а фудбалските сојузи на двете земји биле во контакт за да потврдат дека ќе има некаква форма на оддавање почит и помен на жртвите од палестинско-израелскиот воен конфликт пред почеток на натпреварот.

Минатата година Фудбалската асоцијација на Англија редовно го бележеше огромниот свод во сино и жолти бои на украинското знаме во солидарност со Украина по избивање на воениот конфликт со Руска Федерација.

Досега од ФА, од Премиер лига и од други клубови уште нема никакво соопштение ниту коментар за конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Во интерни разговори, во ФА на состанок во средата и во четвртокот се зборувало како да се изрази почит на жртвите, а некои биле резервирани.

Поранешниот прв човек на ФА, Давид Бернштајн кој и самиот е Евреин рекол за „Дејли Телеграф“ дека бил шокиран и повреден со молкот на владините тела на Велика Британија по нападите во Израел.

Од индивидуалци, левиот бек на Арсенал кој играше и за Манчестер Сити, Олександар Зинченко објавил објава во која напишал „Јас стојам со Израел“ а Мохамед Елнени, Египќанецот од Арсенал го ставил палестинското знаме на своите профилни слики.

Факт е дека за разлика од безрезервната поддршка на Украина кога украинско знаме се вееше речиси по сите стадиони од Премиер лига и Чемпионшип, сега прашањето околу поддршка на Израел не е толку исклучиво и не постои единствен став.

Во одредени кругови на англиското општество се зборувало и околу тоа да не се испровоцираат собири од други етнички заедници во случај едногласно да се поддржи Израел, па потоа немирите да се прелеат на улиците.

12 октомври 2023 - 10:34