Кристијан Соаве е 50 годишен анонимец, кој работи како собирач на ѓубре, а слободното време го користи како тренер на италијанскиот клуб Калдиеро.
До толку е зафатен, што најчесто одговара од кола додека оди на тренинг. Овој пат честа да ја има да се најде во угледниот Газета дело Спорт.
Не го бараат за џабе. Неговата приказна е уникатна. Кристијан не работи во школа за деца, туку води сениорски тим кој ја освои Серија Д, четврта лига по ранг во Италија.
Победил тимови како Пјаченца, некогашен прволигаш во кој кариерата ја почна Симоне Инѕаги.
Благодарение на неговиот ентузијазам и посветеност и покрај малку отспиените часови, Калдиеро, инаку село со 8.000 жители, следната сезона ќе игра во Серија Ц, трета лига, која инаку влегува во професионален фудбал.
Ги води човек кој е борец и на терен и надвор од него. На терен со 23-та играчи, дома со три деца и почината сопруга.
Што си помисливте во моментот кога го слушнавте последниот свиреж на судијата?
Водевме 4:2 на 1 минута до крај и во тие 60 секунди ми поминаа сите надминати пречки и потешкотии во последниве 15 години. Пред сè болеста на сопругата која ја оддалечи од мене пред 4 години. Овој успех е и нејзин.
Што се крие зад победата на Калдиеро?
Освоивме 78 поени играјќи фудбал. И тоа не беше среќа. Имајте на ум дека седум или осум наши играчи минатата година испаднаа во најниските рангови. Погледнете ги сега, промовирани се во Серија Ц. Желбата во фудбалот како и во животот, ја прави разликата. Но, внимавајте, првенствата не се добиваат со приказни. Потребна е работа, анализа и подготовка. Не знам колку тимови во Серија Д поминуваат толку часови на видео анализа неделно.
Каков ви е ритуалот?
Се будам во 3 наутро, работам како собирач на ѓубре до 10. Ѓубрето го собирам од врата на врата и возам од десно, како Англичаните. Малку спијам, бидејќи веднаш штом ќе завршам трчам на тренинг. Легнувам рано, иако и понекогаш фудбалот на ТВ ме држи буден.
Следната сезона повторно ќе работите и како тренер?
Се разбира. Не кријам дека сонот ми е да работам само како тренер, но во животот потребен е баланс. За сега, работата како собирач на ѓубре ми носи фиксна плата со која ги одржувам трите деца. Многу често правам работи како за двајца.
Што значи овој успех за Калдиеро?
Се работи за село со 8.000 жители. Сите се знаеме. Се разбира дека има многу ентузијазам. Јас не бев навикнат на повици од новинари, но убаво што постои ова внимание. Многу од играчите имаат и друга работа. Некои се геодети, други физички работници и сл. Не верувам дека во Серија Ц има примери како нас. Но токму поради тоа, јас горд на мојот тим.
Какви се вашите цели за иднината?
Посакувам тренирањето да стане моја единствена професија и мојата единствена мисла, но знам дека тоа е процес. Играњето на вакво првенство ќе биде прекрасна авантура, ќе се обидеме целосно да уживаме во неа. Сакаме да покажеме како идеите можат да ги победат парите. Амбициозни сме и за ова треба да им се заблагодарам на клубот и играчите.
Ако треба да ја прераскажете сезоната во една слика, како би го сториле тоа?
Би имало многу слики, се потсетувам на многу напори кои ги направија. Се обидував да ја внесам мојата приказна во соблекувална и за тоа треба да и се заблагодарам на Елизабета. Ме научи дека страдањата во животот се различни и дека во него секогаш треба да се гледаат убавите страни. Кога ќе помислам дека влеговме во трета лига, навистина е убаво чувството.