Во 27’ минута од мечот Брајтон - Манчестер Сити, напаѓачот на домашните Глен Мареј барем на една минута им донесе непроценливо чувство за шампионска титула на навивачите на Ливерпул. Агуеро брзо израмни во следниот напад, а до крајот Сити даде уште три гола и на убедлив начин ја прослави титулата во Премиер лига.
Првенството заврши со неверојатно сценарио, а еве ги најважните факти за лудата сезона 2018/2019:
Ќе почнеме со шампионот - првпат после 10 години еден клуб ја одбранил титулата во Премиер лига. Пеп Гвардиола влезе на листата најдобри тренери кои ја освоиле Премиер два пати по ред. Претходно тоа им успеа на Жозе Мурињо (04/05 и 05/06) и Алекс Фергусон (сезона 92/93 и 93/94, сезона 95/96, сезона 98/99 и од 2006 до 2009).
Пеп Гвардиола најмалку по да пати ја освојувал титулата во земјите каде што работел (2 со Сити, по три со Барселона и Баерн Минхен).
Во последните три години Манчестер Сити се повеќе се оддалечува од Јунајтед кој ја губи доминацијата. Најдобар приказ на ова се бодовите. Во сезоната 15/16 немаше драстична бодовна разлика, а понатаму почна да расте. Во 2017 Сити му бегаше 9 бода на комшијата, во 2018 цели 19 бода, а синоќа ја заврши сезоната со апсолутно неверојатни 32 бода пред Манчестер Јунајтед.
Напаѓачот на „граѓаните“ Серхио Агуеро го повтори достигнувањето на Тиери Анри откако пет сезони по ред дава 20 или повеќе голови во Премиер. Аргентинецот дава од 2014/2015 до 2019, а Анри тоа го правеше од 2001 до 2006-та.
Манчестер Сити ја има најдобрата гол разлика во лигата со 95 дадени и само 23 примени гола (72 гол разлика). Втор по овој показател заврши Јунајтед (61 гол разлика), а трет Челси (59).
Златната копачка ќе ја поделат тројца играчи - сезонава Пјер-Емерик Обамејанг, Мохамед Салах и Садио Мане имаат по 22 гола. Последен пат тоа се случи во 1999 година кога истото признание го добија Јорк, Мајкл Овен и Џими Флојд Хаселбанк.
Интересно, сите тројца добитници на Златната топка за најдобар стрелец се родени во Африка (Египет, Габон и Сенегал). Премиер лигата не остави на случајот и прати по една Златна копачка во двата клуба.
Златната ракавица за најдобар голман во лигата ја доби Алисон Бекер, Бразилецот кој беше најзаслужен што Ливерпул стигна и до финалето на Лига на шампиони. Бекер сезонава имаше дури 21 натпревар без примен гол во Премиер лига, а таков подвиг имаше Едвин Ван Дер Сар во сезоната 2008/2009. До рекордот на Петр Чех (24 меча без примен гол), на Алисон му фалеа уште три меча.
„Сувите“ натпревари без примен гол не е единствената причина што Алисон Бекер е најдобар голман во Англија. Меѓу голманите кои бранеле повеќе од 5 меча сезонава, Бразилецот има 77,1% на одбранети удари. Втор и трет се Петр Чех и Уго Лорис со 75,7% и 75,2%. Давид Де Хеа после долги години не е во Топ3 голмани затоа што имаше скромни 69% одбранети удари.
Што се оденсува до грешките кои директно довеле до гол, Алисон има 3 кардинални грешки. Почесто од него грешеле Де Хеа и Пикфорд (по четири грешки) а Беговиќ и Лено имаат по пет катастрофални грешки кои довеле до примен гол.
Ливерпул на Јирген Клоп го повтори достигнувањето на Реал од 2010 година. Тогаш Пелегрини ја заврши сезоната со 96 бода во Примера и стана втор во лигата. Синоќа „црвените“ ја завршија сезоната со 97 бода но недоволно за златото и вредниот пехар. Интересно, и Клоп и Пелегрини губеа титула од Гвардиола.
Одлична сезона имаа и бековите на Ливерпул. Покрај столбот Вирџил Ван Дајк како централен дефанзивец, далеку поофанзивно играа Трент Александар-Арнолд и Ендрју Робертсон кои постојано беа поддршка на нападот. Двајцата доставија дури 23 асистенции за гол или 3% од сите асистенции на Ливерпул во историјата на Премиер лига.
Сезонава се прославија бековите, а пример за тоа е и Лук Диње кој имаше 4 асистенции за гол но постигна 4 гола (сите од слободен удар) и на соиграчите им намести дури 71 стопроцентна шанса за гол (Робертсон има 51).
Крал на измените е Унаи Емери - после неговите замени од клупата, играчите на Арсенал постигнале гол или асистирале дури 17 пати што е рекорд. Втор по овој показател е Јирген Клоп кој 10 пати ја погодил измената која или дала гол или аисистирала.