До почетокот на Светското првенство во Бразил има уште 36 денови, исто колку и бројот на автоголови, односно 1,6% од вкупниот број на погодоци постигнати во историјата на Мундијалите.
Секој автогол е трагичен за играчот и неговиот тим, а за гол во сопствена мрежа еден фудбалер дури и го загуби животот.
Квалификациите за Светското првенство во САД 1994-та година, репрезентацијата на Колумбија ги заврши без пораз и со само два примени гола. Тие дури и ја растурија Аргентина во Буенос Аирес со 0:5 по што многумина, меѓу кои и Пеле ја сметаа Колумбија како фаворит за освојување на Светското првенство.
Но во САД работите не се одвиваа како што тие планираа. Колумбија загуби во првото коло од Романија, што значеше дека на следниот натпревар против домаќините тие мораа да победат.
Во 35-та минута, капитенот на Колумбија, Андрес Ескобар се обиде да пресече една нафрлена топка, но таа заврши во неговата мрежа.
Поразот од САД значеше и елиминација, па Колумбијците се вратија во својата земја каде владееа мафијата и нарко босовите.
„Животот не завршува тука. Мораме да продолжиме. Животот не може да заврши тука. Колку и да е тешко, мораме да се исправиме", изјави Ескобар по елиминацијата.
Пријателите го убедувале дека сè уште не е безбедно за него да шета по улиците на Меделин, но тој не ги послушал. Само десетина денови по автоголот, тој бил излезен во ноќен клуб каде бил навредуван и решил да си замине. Напаѓачите го пресретнале на паркингот и испукале шест куршуми. 30 минути подоцна Андрес Ескобар починал.
На погребот на Ескобар присуствувале 120.000 луѓе, а по убиството на капитенот неколку негови соиграчи се повлекоа од националниот тим, а некои од нив дури и целосно престанаа да играат фудбал.