Ако играчи на Јувентус се Перуци, Зидан, Давидс, Дешамп и Анри, на кој можеби некој и подзаборавил дека има играно во Серија А, а во Парма се Буфон, Канаваро, Турам, Верон и Креспо тогаш се наоѓаме во носталгичното време на Серија А или поточно во сезоната 1998/1999.
Во Торино гостуваше силната Парма која во првите половина час игра беше во подредена улога и го бркаше Едгард Давидс кој како шило се пробиваше на теренот. За нивна среќа напаѓачите на Јуве не беа на ниво, но тука беше Алесио Такинарди кој со бомба во 15 минута го отвори резултатот.
На трибина камерите го уловија Марадона кој гледаше како неговиот сонародник Креспо го полни голот на Анџело Перуци. Од 35-та до 40-та минута блек аут за Јуве. Креспо-Киеза-Креспо за 1:3.
За лицето на Лучано Моџи да биде скиснато уште повеќе, аргентинскиот ас се погрижи по само 13 минути игра кога запиша хет-трик за дебакл на Јувентус.
Трите измени на Липи: Тудор, Конте и Анри не донесоа ништо. Јувентус не можеше повеќе против моќниот состав на Парма и успеа преку Фонсека само да намали на 2:4.
Извештај од тој февруарски меч од пред 18 години.