Најсрамната насловна страница за човекот кој испиша историја во Реал

Од Ди Стефано, Раул, Касиљас, Јеро, Зидан, Фиго, Роналдо, Карлос, па сè до Кристијано Роналдо, Рамос, Бензема. Никој во 122 годишната историја на Реал Мадрид не може да се пофали со 27 трофеи. Само еден играч стигна до тие височини и се вика Лука Модриќ.

Детето кое со дедо му чуваше кози, избега од Задар поради ужасите во војната во која загуби дел од своето семејство, денес е еден од најдобрите играчи од среден ред во историјата, икона и капитен на Хрватска и Реал Мадрид, а од синоќа и најтрофеен играч во историјата на кралскиот тим.

Супер Купот во Варшава против Аталанта му е трофеј број 27 во дресот на Реал Мадрид, бројка недостижна за еден куп великани кои заиграат за 15 кратниот првак во Европа. 

Интересно, Модриќ до 26 години на конто имаше 0 трофеи, а во последниве 12 освои 27 или во просек повеќе од два по сезона.

Вирални беа насловните страници кога во 2018-та беше прогласен за најдобар играч на светот, но повторно е вирална и една насловна од 2012-та на весникот Спорт која на големо се коментира на социјалните мрежи.

Се однесува на неговиот потпис во Реал Мадрид и гласи вака: 

„Модриќ, димна завеса, 42 милиони за да се прикрие срамот“.

Од сите коментари на социјалните мрежи, го издвојуваме следниов:

„Најсрамната насловна страница во историјата на фудбалот“.

15 август 2024 - 11:49