1. МАНУЕЛ АЛМУНИА
Венгер отсекогаш бил трпелив, но понекогаш го обвинуваа дека има премногу трпение. Тоа најмногу го покажа во случајот со шпанскиот голман. Необјасниво долго го држеше Алмуниа на голот, дури и во ситуации кога Шпанецот беше директен виновник за примените голови. Алмуниа има и англиски пасош, па Венгер во еден момент го предложи во англиската репрезентација, но доби одговор „Не, фала".
2. АНДРЕ САНТОС
Освен што е трпелив, Венгер е и искрен, така што призна дека во паника го довел бразилскиот лев бек, буквално во 5 до 12 пред затворањето на преодниот рок. По поразот 8:2 од Манчестер Јунајтед, Венгер ниту размислуваше да го проба Сантос и да види во каква форма е, туку веднаш го купи. Како и повеќето Бразилци, така и Сантос го влечеше топката напред, па одбраната често остануваше со играч помалку.
3. СЕБАСТИЈАН СКИЛАЧИ
Дефанзивецот можеби требаше да одбере друг број, затоа што 18-та претходно ја носеа Паскал Сиган и Микаел Силвестре, кои успешно командуваа со одбраната на Арсенал. Сите сомнежи во него се оправдаа во 2012. година, кога влезе пред крајот да ја засили одбраната, но по неговиот катастрофален кикс, Боби Замора му донесе 3 бода на Фулам. Неговиот учинок често е споредуван со оној на Никлас Бентнер.
4. ИГОР СТЕПАНОВС
Да го замениш повредениот Тони Адамс беше голем предизвик за одбраната на Арсенал, а тоа му припадна на Летонецот Степановс. По дебаклот на Олд Трафорд во 2001. година, кога Арсенал загуби 6:1, Дејли Мејл го нарече „новиот ирвас што трча по мраз". Во северен Лондон неговото презиме, Степановс се користи за очаен дефанзивец. Нешто како кај нас дрво, труп, камен.
5. ОЛЕГ ЛУЖЊИ
Последниот пионер на генерацијата на Виера, Анри и компанија е Лужњи. По еден дуел во ЛШ меѓу Динамо Киев и Арсенал, Венгер решил веднаш да го потпише десниот бек. Украинецот галопираше по десната страна, по што го доби прекарот „коњот". По 75 настапи за „топџиите", од позитивен, прекарот доби негативен призвук, па Лужњи си замина од Арсенал иако ја носеше капитенската лента во 1/2 финалето од Лига купот.
6. АМАУРИ БИШОФ
Иако дојде како слободен играч во 2008. година, навивачите на Арсенал по извесно време тераа мајтап дека ќе платат само некој да го земе. На Емирати дојде по три години во Вердер Бремен, каде немаше ниту еден сениорски настап, а Венгер на промоцијата изјави дека се коцкал на неговиот талент. По само два настапи кога влезе како замена, истата година си отиде од Арсенал. Во моментов игра во германскиот третолигаш Пруден Минстер.
7. ЈУНИЧИ ИНАМОТО
Купен во пресрет на СП 2002 во Јапонија и Ј. Кореа, Јапонецот го најавуваа како подобро крило од Бекам. Не се смејте, така го најавуваа. Откако забележа 0 настапи за Арсенал, Венгер го ослободи и Инамото после играше за Фулам и ВБА.
8. АНДРЕЈ АРШАВИН
Многумина нема да се согласат што Русинот е на листава, затоа што Аршавин играше добар фудбал откако дојде во Арсенал. Сепак, тоа беше само на почетокот, по што на напаѓачот нагло му падна формата, па Арсенал го позајми во неговиот матичен клуб, Зенит Сант Петерсбург. По година ипол позајмица, се врати во Лондон, но навивачите скоро и да не забележуваа дека е во клубот.
9. КАБА ДИЈАВАРА
Подемот на африканскиот фудбал започна кон крајот на '90-те години и Арсен Венгер се одлучи за напаѓачот на Бордо, Каба Дијавара. Од Гвинеецот се очекуваше да заигра како Нванкво Кану, но тој на 15 натпревари не даде ни еден гол. Подоцна смени 13 клубови и само на два пати се задржа повеќе од 1 година. Ја заврши кариерата во 2011. година.
10. ПАРК ЧУ-ЈАНГ
Венгер бараше централен дефанзивец и десен бек, но на крајот се одлучи за офанзивен играч и го доведе Чу-Јанг од француската Лига 1. На крајот се испостави дека фудбалерот од Јужна Кореја е сè, освен добар плејмејкер. Даде само еден гол во Лига купот и летово Венгер го позајми во Селта Виго.
11. ФРЕНСИС ЏЕФЕРС
Кога во 2001. година го донесе од Евертон, Венгер за Џеферс рече дека е fox in the box, или лисица во шеснаесетникот. Сепак, англискиот напаѓач многу брзо го загуби прекарот, затоа што и немаше шанса да го покаже талентот покрај Тијери Анри и Силваин Вилтор.