И да си генерациски од 2000-та, не можеш да не слушнеш за овие имиња со кои италијанско имаше посебен шмек на времето. Не зборуваме за црно бели преноси, туку за пред 24 години, кои не ни изгледа дека поминале во таа бројка.
Сезона 1998/1999 која не се играше со 20, туку со 18 екипи. Сезона во која една Салернитана, која се врати во прва лига после половина век и имаше во просек по 32.218 навивачи на натпревар, го купува Џенаро Гатузо од Глазгов Ренџерс за 9 милијарди лири.
Замислете, на Меаца за Интер доаѓале во просек по 68.459 гледачи по натпревар или 21.000 повеќе од Јувентус. Токму во оваа сезона стартува правилото за директен црвен картон за лизгачки старт од зад грб.
Интер под водство на Масимо Морати го напаѓа првото Скудето со Роналдо и Роберто Баџо, кој доаѓа после една година мината во Болоња и им дава доверба на две деца од Италија У-21, кои се викаат Андреа Пирло и Никола Вентола.
Култната Парма, во тоа време силна на хартија и трофејна, го ангажираше Алберто Малезани кој за засилувања доби имиња како Хуан Себастијан Верон од Сампдорија и Диего Фузер од Лацио, како и тазе светскиот првак со Франција, Ален Богосиан.
Актуелниот шампион Јувентус се потпра на шампионскиот костур на екипата и се одлучи за секундарни операции. Го имаа маестралниот Зидан, кој потоа ја освои Златната топка и кој во офанзива соработуваше со тандемот Дел Пјеро - Инѕаги.
Постојано растечкиот Лацио, во одбрана се засили со Коуто и Михајловиќ, во средина со Станковиќ и Консеисао, а во напад со Салас и Виери. Нивните градски ривали Рома тивки, го ангажираа само рускиот плејмејкер Аленичев.
Милан, кој во преодната фаза после две разочарувачки години, премина во рацете на Алберто Ѕакерони, кој пристигна од Удине со бекот Томаш Хелвег и Оливер Биров, како најдобар стрелец изминатата сезона.
Фиорентина го потврди јужноамериканскиот офанзивен тандем Батистута - Едмундо, која од Германија го ангажираше славниот Џовани Трапатони.
Каква конкуренција сочинета од „Седумте сестри“ (Le Sette sorelle), назив со кои беа крстени Интер, Милан, Јувентус, Лацио, Рома, Фиорентина и Парма, сите со високи амбиции.
Ако треба да продолжиме на тема трансфери, тогаш не би било фер да ги игнорираме и следниве факти. Сампдорија за тренер го ангажираше Лучано Спалети од Емполи, кој во напад располагаше со Винченцо Монтела и Ариел Ортега.
Болоња од Лацио го донесе Џузепе Сињори, Пјаченца дебитираше во Серија А со Симоне Ингаѕи, а Перуџа за 4 милиони долари го направи славен Хидетоши Наката, инаку втор Јапонец кој заигра во Италија, кој потоа го облече дресот на Рома.
На крај, Милан му избега на Лацио само еден бод и стигна до титулата број 16, а Удинезе и Јувентус кои имаа ист број на бодови мораа да играа мајсторка со два меча за да се одреди кој каде ќе продолжи во Европа. Удинезе се избори за Куп на УЕФА, а Јуве играше во Интертото Купот.
Бразилецот Аморозо беше најдобар стрелец во конкуренција на славната и многу силна банда напаѓачи.
Тв прилог на Газета со суми за најзвучните трансфери, изразени во фунти.