Најголемите трансфери од Серија А летово

Преодниот рок во Италија е отворен од 1-ви јули до 1-ви септември. За сега италијанските клубови направија неколку големи појдовни и дојдовни трансфери, а се очекува да има уште договори.

НАПОЛИ

Наполи го смени тренерот Лучано Спалети на чие место дојде Французинот Руди Гарсија кој пред некој месец беше отпуштен од Ал Наср во Саудиска Арабија.

Шампионот на Италија уште не е многу активен на пазарот. Прва голема зделка им беше продажбата на врвниот корејски стопер Ким Мин кој замина во Баерн Минхен за 50 милиони евра.

Наполитанците го продадоа и центарфорот Андреа Петања во Монца за 10 милиони евра после позајмицата во овој клуб.

Постојат гласини дека шампионот би можел да ги продаде и најголемите ѕвезди на екипата, Виктор Осимен и Хвича Кварацхелија но само ако некои се охрабри да плати повеќе од 100 милиони евра.

ИНТЕР

Голманот на Интер Андре Онана е пред голем потпис со Манчестер Јунајтед од што финалистот на ЛШ би требал да добие 50-60 милиони евра, а нераѕурите го продадоа и Марсело Брозовиќ во Саудиска Арабија. Во Интер дојде големата италијанска надеж Давиде Фратези од Сасуоло на позајмица вредна 6 милиони евра со опција за откуп од 25 милиони евра.

На „Џузепе Меаца“ пристигнаа уште и стоперот Јан Бисек од дански Орхус за 7 милиони евра и тој е потенцијално откровение на сезоната и лесно би можел да се покаже како ново откритие на вешитиот Бепе Марота и ветеранот Хуан Квадрадо кој од Јувентус доаѓа како слободен играч. Во Интер останува и Кристијан Аслани кој е откупен од Емполи за 10 милиони евра, а откупен е и Франческо Ачерби од Лацио за 3,5 милиони евра.

Пред заминување е и Робин Госенс за кого се заинтересирани германски бундеслигаши кои треба да одвојат околу 20 милиони евра за него.

МИЛАН

Росонерите ја направија најдобрата зделка на летото откако го продадоа Сандро Тонали во Њукасл за огромни 70 милиони евра. Нови играчи во Милан за сега се Кристијан Пулишиќ (20 милиони трансфер од Челси) и Рубен Лофтус-Чик (16 милиони трансфер од Челси).

Екипата ја напуштија играчите на кои им завршија позајмиците: Сержињо Дест, Астер Вранкс, Браим Диаз и Даниел Малдини а кариерата ја заврши Златан Ибрахимовиќ.

ЛАЦИО

Сергеј Милинковиќ-Савиќ многу години го селеа во најдобрите топ европски клубови, а тој кариерата ја продолжува во богатата Саудиска Арабија каде ќе добива 20 милиони евра годишно а Лацио за него доби 40 милиони евра од Ал Хилал.

Лацијалите го доведоа шпицот Тати Кастељанос кој се прослави минатата сезона со чудо кога му даде 4 гола на Реал Мадрид на еден меч. Аргентинецот доаѓа од шпанска Жирона а претходно се изнадава голови во МЛС лигата.

На „Олимпико“ се зборува и за Рикардо Орсолини од Болоња кој е проценет на 15 милиони евра, а би можел да дојде и голманот Самир Хандановиќ.

ЈУВЕНТУС

Бјанконерите искешираа пари за да после позајмица ги задржат Мануел Локатели (откупен договор вреден 30 милиони евра), Моизе Кин (откупен договор вреден 30 милиони евра) и Аркадиуш Милик (6,3 милиони евра). Го купија и крилниот напаѓач Тимоти Веа за 11,3 милиони евра од француски Лил.

Од Јуве заминаа Дејан Кулушевски (откупен од Тотенхем за 30 милиони евра), како Раду Дрегушин во Џенова за 5,5 милиони евра. Како слободни агенти си отидоа Анхел Ди Марија, Хуан Куадрадо и Леандро Паредес на кого му заврши позајмицата.

Јуве лесно би можел да ги продаде и главните ѕвезди на тимот, Душан Влаховиќ за кого ПСЖ, Челси и Њукасл размислуваат да дадат 70-75 милиони евра, како и Федерико Кјеза за кого се заинтересирани некои премиерлигаши а кој е проценет на 50 милиони евра. Пред трансфер е и Денис Закарија кој би можел да заврши во Вест Хем за 19-25 милиони евра.

Јувентус преговара со Ромелу Лукаку за чиј договор треба да одвои 35-40 милиони евра.

РОМА

„Римската волчица“ беше активна со излезни трансфери па така успеа да се „отараси“ од играчите на кои Мурињо веќе не смета. Заминаа Џастин Клајверт во Борнмут за 11,2 милиони евра, Бенјамин Тахировиќ во Ајакс за 7,5 милиони евра, Кристијан Волпато за 7,5 милиони евра во Ајакс а позајмиците им завршија на Џорџињо Вајналдум, Мади Камара и Диего Љоренте.

Пред излезна врата е и Рожер Ибањез за кого Фулам и Астон Вила би понудиле 25 милиони евра.

Рома ја засилија силниот стопер Еван Ндика кој доаѓа како слободен агент од Ајнтрахт Франкфурт и врвниот француски талент Усем Ауа од Лион.

19 јули 2023 - 08:37