Откако на 1 февруари 2012-та големиот инцидент во Египет однесе околу 70 жртви, властите одлучија да го ограничат бројот на навивачите на стадионите. Фановите на Земалек синоќа се обидоа без карти да влезат на мечот против Енппи, но полицијата за да ги спречи употреби оган и солзавец.
Тие обвинуваат дека полицијата се однесувала насилно и дека на стадионот имало мала врата опкружена со бодликава жица. Бројот на жртвите за сега не е утврден. Египетските медиуми пишуваат дека се 30, а според Министерството за здравство се работи за 19.
Брадфорд, Англија (11 мај 1985)
Фудбалерите на Брадфорд Сити на мечот против Линколн се подготвуваа за трета титула во третата англиска лига, но само едно невнимание од кибрит не само што им го уништи трофејот туку и донесе огромен пожар. Загинаа 56 навивачи, а 265 беа повредени.
Брисел, Белгија (29 мај 1985)
По само 18 дена голема трагедија го потресе и Брисел за време на финалето од тогашниот Куп на шампионите помеѓу Јувентус и Ливерпул. Англиските навивачи ја пробија оградата каде беа сместени Италијанците, а во масовната тепачка се сруши и дел од трибината. Билансот беше 39 загинати и околу 600 повредени. Мечот се одигра со задоцнување, а победа „Старата дама“ славеше со голот на Платини.
Триполи, Либија (10 март 1987)
20 навивачи беа убиени додека бегаа од наоружаните противници кои ги напаѓаа со ножеви. Извештајот се косеше со оној на либиската државна новинска агенција ЈАНА, која тврдеше дека има само две жртви, а 16 луѓе се хоспитализирани.
Катманду, Непал (12 март 1988)
Според бројот на жртвите тоа е четвртата најголема фудбалска трагедија. Се играше пријателски меч, а стампедото на луѓе кои не можеа да излезат поради заклучените врати од стадионите однесе 93 жртви.
Шефилд, Англија (15 април 1989)
Мечот Ливерпул – Нотингем Форест во рамките на полуфиналето од ФА купот беше клучен за револуцијата во англискиот фудбал. Тогашниот британски премиер Маргарет Тачер забрани стоење во англискиот фудбал откако полицијата на овој натпревар пушти повеќе навивачи отколку што собираше на стадионот Хилсборо. Евертон ги испочитува жртвите на Ливерпул во градското саботно дерби.
Оркни, Јужна Африка (13 јануари 1991)
Сличен беше случајот и во Оркни, град кој се наоѓа на 200 км од Јоханесбург. На стадионот со капацитет од 23.000 гледачи, присуствувале 30.000 и не биле разделени според тимот за кој навиваат. Откако почнале тепачките, многумина се обидувале да избегаат, но во огромните гужви се создала паника, а од 40-те жртви повеќето биле прегазени или притиснати во оградите.
Бастија, Корзика (5 мај 1992)
17 навивачи загинаа, а 1900 се повредени откако се срушила трибина на полуфиналниот меч од францускиот куп меѓу Олимпик Марсеј – Бастија. Капацитетот на стадионот Арманд било планирано да се зголемува од 8.500 на 18.000 седишта.
Лусака, Замбија (16 јуни 1996)
На квалификациски натпревар за Светско првенство меѓу Замбија и Суда, од стампедо загинаа 9 навивачи, а 78 беа повредени.
Триполи, Либија (14 јуни 1996)
На фудбалски натпревар во кој едниот клуб бил контролиран од либискиот лидер Моамер Гадафи беа убиени или повредени околу 50 луѓе. Медиумите контролирани од власта не објавија точни бројки за настанот.
Гватемала Сити (16 октомври, 1996)
Стампедо е причината за смртта на 78 загинати и 180 повредени на уште еден квалификациски меч меѓу Гватемала и Коста Рика.
Лагос, Нигерија (6 април, 1997)
Несреќа на квалификациска средба за Светско првенство имаше и на мечот меѓу Нигерија и Египет кога низ три од пет затворени влезови на стадион се обидуваа да излезат 40.000 луѓе. Во топлата настрадаа петмина.
Монровиа, Либерија (23 април 2000)
Слично нешто се случи и на квалификацискиот меч меѓу Либерија и Чад кога во преголема гужва беа прегазени тројца гледачи кои не успеале да преживеат.
Хараре, Зимбабве (9 јули 2000)
Стампедо имаше и на средбата Јужна Африка – Зимбабве, исто така квалификациска мундијалска средба. Билансот на жртви беше 13.
Јоханесбург, Јужна Африка (11 април 2001)
На лигашки натпревар на стадионот Елис Парк настрадаа 47 луѓе откако се обиделе на влезат на стадион. На влезот имало бодликава жица, а за да ја расчисти гужвата полицијата употребила солзавец.
Порт Саид, Египет (1 февруари 2012)
Египетското фудбалско дерби меѓу Ал Масри и Ал Ахли заврши со триумф од 3:1 на домашниот тим, а по последниот свиреж на судијата настана вистинска војна, во која животот го загубија 74 луѓе.