Најголем трансфер на Интер е ѕверскиот кондиционен тренер од Реал

Фудбалерите на Интер ќе ги спрема Антонио Пинтус, човекот кој во врвна форма ги доведувал Зидан, Кристијано Роналдо, Дел Пјеро, Виали, Дешам, Ѕола, Модриќ, Марсело и многу други. На почеток плачат од пеколниот ритам, после му се заблагодаруваат.

По големата победа од 4-1 над Јувентус во финалето на Лига на шампиони, во соблекувалната на Реал Мадрид влегол кралот на Шпанија Хуан Карлос. Тој се ракувал со сите фудбалери, се гушнал со Флорентино Перез и Зидан, а потоа го прашал Французинот: „Кај е Пинтус? Сакам да се поздравам со него. Тој одигра важна улога во успехов“, рекол кралот.

Пинтус, кондициониот тренер на Реал Мадрид со збунета насмевка му пришол на монархот кој му честитал на неверојатната работа:

Првото полувреме во Кардиф заврши 1:1, а во вториот дел Реал го прегази Јувентус со три гола. Тоа беше круна на работата на Пинтус кој тврдел дека играчот мора максимално да „гризе“ сите 90 минути.

****

Дидие Дешам го предупредил Зидан дека ќе биде тешко, а Зизу не можел да претпостави колку тешко. Во јули 1996 година новиот фудбалер на Јувентус дошол на првиот тренинг и бил шокиран од нехуманите напорн вежби.

„Дидие ми раскажа дека тренинзите во Јувентус биле мачни. Викаше дека после тренинг не можел да оди, а често повраќал од истоштеност“.

За физичката спрема на играчите на Јувентус во ’90-те години бил задолжен Џампјеро Вентроне. „Вентроне беше ноќна мора. Замислете 600 кревања тежина или вкупно 400 килограми. После неколку тренинзи ми се причинуваше како гледам небески тела“, рекол Масимо Карера кој играше за Јуве од 1991 до 1996.

А десна рака на Вентроне му бил Антонио Пинтус.

Легендарниот Пинтус го вработиле во Јуве во 1991-ва година. Ањели и другите шефови биле заинтересирани за поранешниот џудист атлетичар кој завршил Институт за фискултура со премија од Олимписки комитет за најдобар дипломски труд. Во дипломската Антонио раскажувал за посебноста на трчање долги дистанци, иако негови дисциплини биле 800 и 1.500 метри.

„Кога чувствуваш дека можеш да трчаш два часа, ти не му ја мислиш многу за следниот меч“, вели Пинтус кој како кондиционен тренер во стручниот штаб со Јувентус освои три скудета и три пати играше во финалето на Лига на шампиони: го победија Ајакс, а изгубија од Реал и Борусија.

„Под надзор на Пинтус во Јувентус достигнав совршена форма“, рекол Џанлука Виали, а како никогаш спремни биле и Дел Пјеро, Зидан, Дешам и Антонио Конте.

По заминувањето од Јувентус во 1998-ма, Пинтус работел во многу други клубови и секаде играчите го викале поранешни играчи: Виали во Челси, Дешам во Монако, па во Јувентус и Марсеј, Ѕола во Вест Хем, Зидан во Реал Мадрид. Логично, тој ќе продолжи во Интер со Конте, со кој се знае уште од Јуве.

****

Пинтус имал многу понуди но го одбрал Интер зошто видел потенцијал во екипата да направи големи резултати. Антонио Пинтус не сакал да гради проект од нула како што е во Рома, туку сакал фундаментот веќе да бил поставен.

Поранешниот тренер на Интер Лучано Спалети често носеше фудбалери кои му требаа за тактичката шема, но не беа доволно физички спремни па екипата паѓаше после Нова година.

„Може да изгубиме зошто послабо сме играле фудбал. Но никогаш нема да изгубиме зошто сме послабо физички спремни“, е мотото на Антонио Пинтус. 

Неговиот перфекционизам го освоил и Зидан кој признава дека никаде немал потешки тренинзи отколку со Пинтус во Јуве, но дека само поради тоа станал најдобар играч на светот во тоа време.

Интересно во 2016 година Пинтус прво потпишал договор со Лион, но после 45 дена договорот бил раскинат зошто Италијанецот не можел да ја одбие понудата на Зидан да го спрема Реал Мадрид.

„Пинтус е многу пријатен човек, добро чиче, но работата со него беше пеколна. Јас никогаш во живот не сум бил така гладен, како во Монако. Пинтус ме спушти од 83 килограми на 79 за кратко време и се испостави дека тоа е моја идеална тежина. Прекрасно се чувствував“, раскажал еднаш Фернано Мориентес кој растураше во Монако.

Но односите меѓу Зидан и Пинтус се нарушиле кога во 2018-та Зизу замина од Реал и очекувал истото да го направи и Антонио. Но Италијанецот останал да работи со новиот тренер Хулен Лопетеги кој набрзо го прекомандувал и на негово место го ставил Оскар Каро. По отказот на Лопетеги, Пинтус ја доработил сезоната со новиот тренер Сантијаго Солари.

„Ако играат две шампионски екипи на исто ниво, ќе победи таа што повеќе ќе истрча“, рекол Пинтус.

Дани Карвахал за него рекол дека надчовечки ги измачува играчите но дека секој имал корист од таквите методи. „Фудбалерите сакаат слава, но се има своја цена. Славата ќе ја добиеш само со тешка работа“.

Методите на работа на Пинтус се тешки зошто тој води „суви тренинзи“, без топка и во висок ритам. Екипата половина час работи на експлозивност и брзина за да може организмот на секој играч да издржи 90 минути многу трчање. 

„Има два залога за успешна сезона: интензивна физичка работа на лето и подготовки на зимската пауза, за да се биде во форма до мај“, рекол Италијанецот и додал: „Најважно е да знаеш да се адаптираш на различни култури зошто секоја земја, секој клуб има свои особености“.

Покрај Јуве, Челси, Вест Хем, Марсеј, Монако и Реал Мадрид, Антонио Пинтус работел и во Удинезе, Палермо дури и репрезентацијата на Русија кога му бил помошник на селекторот Капело на Светското 2014. На Мундијалот во Бразил Русите (познати како летаргични фудбалери) биле на високото второ место по истрчани километри (115,5 истрчани км), зад Австралија.

„Во Франција најмногу од секаде се работи на трчање и физичка снага. Повеќе дури и од Италија и Англија каде важи правило дека на тренинзите мора да има топка. Но вистината е на средина. Секако дека не може да се победи само благодарение на физичка подготвеност, разликата е во техниката, а во основа на се е талентот. Без талент не се станува шампион“.

Во Марсеј, Антонио Пинтус живеел на десет километри од тренинг кампот и секој ден одел на работа пешки.

„Фудбалерите ме сметаа за психо, но ми се допаѓаа прошетките. Тоа беше порака до нив“.

Франк Лебеф, кој играше за Челси рекол дека Пинтус е топ психолог затоа што прво со него ќе станеш појак и поиздржлив а второ тој „ќе ти ја намести главата“, ќе ти докаже дека можеш да одиш до максимум“.

А за тоа говори и 22 освоен трофеј на Пинтус во Италија, Англија, Франција и Шпанија. Неговата работа добро ја знае и шпанскиот крал кој посебно го барал да му честите.

Навивачите на Интер кои ги откупија сите сезонски влезници за неколку часа (40.000), горат од желба сезоната да почне и да видат како ќе изгледа новата екипа која што летово ја спрема Пинтус.