Најдобриот Наполи на сите времиња

По првите 22 кола Наполитанците имаа остварено рекордни 50 бода, што е нивни клупски рекорд. Но тоа се однесува во ерата на доделување на 3 бода за победа во Серија А. Сега го срушија и тој рекорд.

По 28 минати кола во италијанскиот фудбалски шампионат, Наполи има 18 победи, 7 нерешени и 3 порази, како и 61 остварен бод. Имаат постигнато 58 и примено 23 гола. Никогаш во својата 90 годишна историја клубот не успеал да оствари толкав број на бодови по првите 28 кола.

Историскиот состав на Наполи на чело со Марадона кој освои две титули застана на 60 бода остварени од 18 победи, 6 нерешени и 4 порази. Наполи со Игуаин има едно реми повеќе и еден пораз помалку за разлика од Наполи на Марадона.

Наполи со три порази во овој дел од сезоната се соочил само уште два пати во историјата. Првиот пат во сезоната 1974/1975 и потоа 1988/1989, а подобра реализација од тимот на Сари по 28 средби имал само Амадеи во сезоната 1957/1958 кога неговиот тим дал 59 гола.

Од 58-те постигнати голови, 26 се дело на Игуаин, веројатно вториот најголем миленик меѓу Аргентинците на Сан Паоло после Марадона кој има двојно повеќе голови од Бака и Дибала кои го делат второто место на табелата.

Како и да заврши оваа сезона за Наполи, сигурно ќе остане историска во ерата на Де Лаурентис, иако на 10 кола до крајот и 3 бода заостанување зад Јувентус, навивачите се надеваат на Скудетото на кое последен пат се радуваа пред 26 години.

8 март 2016 - 16:23