Официјалните лица во Јужна Америка каде што се одржува првенството, покренале истрага за Макс Бариос кој излажал дека има 17 години и иако е роден во Еквадор настапува за младинската селекција на Перу до 20 години.
Нестор Бенитез, портпарол на КОНМЕБОЛ, тело кое раководи со јужно американскиот фудбал изјави дека Бариос е должен на Перуанската фудбалска репрезентација да им го објасни хаосот кој настана со неговиот лажен идентитет.
Според доказите кои се појавија во Еквадор, тој е всушност нивни жител и се вика Хуан Спиноза, роден е во Макала, Еквадор во 1987 година. Тоа го потврдува и претседателот на Еквадорската фудбалска федерација, Вилависенио кој рекол дека фудбалерот кога настапувал во еквадорски тим во 2010 година се претставил како 22 годишен и во неговата регистрација годината на раѓање била 1987.
Во одбрана на Бариос застана неговиот татко кој рече дека син му има 17 години и бидејќи има двојно државјанство избрал да настапува за репрезентацијата на Перу. Тој тврди дека поседува документи и дека кога се преселиле во Перу, Макс имал 6 години и го регистрирале како жител на таа земја.
Бенитез изјави дека дисциплинската комисија на КОНМЕБОЛ ќе се погрижи за случајот, но не верува дека резултатите на натпреварите каде настапувал Бариос ќе бидат поништени.
Инаку турнирот во Аргентина завршува на 3 февруари, а четири земји ќе изборат на пласман на Мундијалот во Турција за младински селекции. Аргентина и Бразил се елиминирани, а Перу и Еквадор се уште се во игра.
Макс стана до толку популарен со неговата измама што некои почнаа да го тролаат и го сместија во составот на Перу кој настапуваше на Светското првенство во Шпанија во 1982 година.