На 10. октомври во Торшарн, главниот град на Фарски Острови, се сруши рекорд на португалската фудбалска репрезентација стар 88 години. За нацијата со светски класи како Кристијано Роналдо, Луис Фиго и Еузебио, 20-годишниот Андре’ Силва стана најмладиот Португалец во историјата кој дал три гола за репрезентацијата - и тоа сите три во првото полувреме.
Додека неговиот сонародник Ренато Санчез беше прогласен за најдобар млад фудбалер на Европското 2016-та, Андре’ Силва не беше ниту на поширокиот список на репрезентацијата летово, кое се испостави како историско за A Seleção.
Португалија конечно го крена првиот вреден трофеј, станаа Европски шампиони, иако тоа им успеа без признат, достоен шпиц во нападот. Па дури и со целата моќ на Кристијано Роналдо, Португалија даде девет гола на седум меча, но тоа секако не е модел за во иднина.
Надвор од сите играчи гореспоменати, само Еузебио, кој последниот меч за Португалија го играл во 1973 година бил напаѓач.
Порто го купил Андре’ Силва од полу-аматерскиот клуб S.C. Salgueiros за нешто повеќе од цената на Сони Плејстејшн 4 и оригинално це-де FIFA 17. Андре’ го сметале за перспективен играч во Порто, но и во младинските селекции на Португалија, но дури лани неговиот прав потенцијал почна да се реализира.
Минатата сезона, откако го промовираа од Порто Б во првиот тим на Порто во декември, Силва постигна само еден гол на девет настапи (претежно од клупата). Со таков учинок многу беше реално што не се најде на списокот за Европско. Но од септември досега доби четири повици за Португалија, постигна четири гола како стартер на последните два меча.
Во сино-белиот дрес на Порто даде седум гола на девет настапи и е најзаслужен што тимот е прв во Премиера, а даде гол и во плејофот за ЛШ против Рома. Последниот победнички гол му беше против Клуб Бриж во Лигата на шампионите, од пенал. Силва во моментов има откупна клаузула вредна дури 60 милиони евра, а негови најверни гледачи се скаутите на Арсенал, Атлетико Мадрид и Јувентус.
Стилот на игра на Андре’ Силва е нешто меѓу Серхио Агуеро и Хавиер Ернандез Чичарито. Секогаш знае во право време да биде на право место. Ако се вратиме на хет-трикот против Фарски Острови (12-та, 22-ра и 37-ма минута), ќе видиме дека сите три гола ги даде близу голманскиот петерец.
И покрај тоа што во неговото портфолио имало само хајлајтс од неговиот поранешен клуб Salgueiros, тренерот на младинците на Порто не заборава колку пати морал да го тера да оди на туширање и да престане сам да шутира после тренингот.
Вечерва Порто пак игра со Клуб Бриж, овојпат дома. Евентуална победа би ги донела на второто место со големи шанси за пласман во осминафиналето.