Над 14.000 трансфери во фудбалот за две години

Европската клупска асоцијација (ЕКА) го одржа 12-то генерално собрание на кое беа присутни 151 претставник на клубови од 53 фудбалски федерации. Истражувањето покажува дека во фудбалот владеат петте најсилни европски лиги кои направиле 5.491 трансфер.

Претставниците на ЕКА ги сумираа конечните бројки од трансфер системот кој се одвивал во светот на фудбалот во изминативе две години. Студијата покажува дека во 2011/2012 и 2012/2013 година на цела планета се направени 14.322 трансфери во вредност 5,1 милијарда евра.

Поголемиот дел од трансферите 9.511 односно 66% се извршени на стариот континент. Европските клубови само на своја територија купиле играчи во вредност од 4 милијарди евра. Во земји кои не се членки на УЕФА за засилувања потрошиле 801 милиони евра, а продале во вредност од 339 милиони.

Интересно е што кога пазареле надвор од Европа, клубовите купувале најмногу играчи од Африка од каде прибрале 307 фудбалери. Најголемиот број на емигранти од Европа пак, вкупно 342 решиле да заминат во азиските и јужноамериканските фудбалски првенства.

Доказ дека најголемите пари во фудбалот се вртат во Премиер лигата, Серија А, Бундес лигата, Примера и Лига 1 е тоа што клубовите од овие лиги за две години во цел свет направиле вкупно 5,491 трансфер во вредност од 4,8 милијарди евра.

54% од нив или точно 2935 играчи купиле, 26% или 1.446 продале, а 20% односно 1.110 играчи циркулирале меѓу нив. Математиките покажуваат дека на останатите првенства, клубовите од топ 5 лигите за трансфери им платиле 1,5 милијарди, а заработиле 642 милиони евра, што значи дека оствариле дефицит од 909 милиони евра.

7 март 2014 - 18:39