На прес Серхио Кун Агуеро со солзи се прости од фудбалот на 33 години

Уште еден голем фудбалски цар се одјави од фудбалската игра. Принуден, поради здравствени проблеми. Ќе се памети по многу голови, трофеи, потези.

Напаѓачот на Барселона Серхио Агуеро на прес-конференција на „Камп Ноу“ објави дека става крај на богатата кариера. 33-годишниот Аргентинец пред време прекинува со фудбалот поради срцеви проблеми. Не ги додржа солзите и заплака на последното обраќање како фудбалер.

На пресот биле присутни луѓе од Барселона, Пеп Гвардиола и претставници на Манчестер Сити, Атлетико Мадрид и Индепендиенте како и семејството на Кун Агуеро.

„Оваа прес-конференција е едноставно за тоа што сакам да кажам дека јас решив да ја завршам играчката кариера.

Многу тешко време, но среќен сум за одлуката која што ја донесов поради проблеми со кои се соочив пред еден месец. Се работи за моето здравје“, рече Агуеро во воведот на прошталната прес-конференција.

Аргентинскиот ас не можеше да го доигра мечот Барселона - Алавес (1:1) на 30 октомври кога наеднаш како да изгуби воздух и за малку не се струполи на теренот.

Првично клубот соопшти дека се преземаат апсолутно сите здравствени контроли и тестови за Кун Агуеро и дека тој доживеал облик на такихардија. Од Барселона рекоа дека шпицот ќе отсуствува најмалку 3 месеци додека во целост не закрепне но подоцна објавија дека проблемите се посериозни отколку што мислеле.

За Барселона, неговиот нов клуб каде дојде во летото 2021 Агуеро одигра само 5 меча и постигна 1 гол. 

Во кариерата Кун Агуеро, инаку зет на Диего Марадона за една од неговите ќерки, играше за Индепендиенте, Атлетико Мадрид, Манчестер Сити, Барселона и репрезентацијата на Аргентина.

На клупско ниво Аргентинецот освои Лига Европа и Суперкуп на Европа со Атлетико Мадрид, дури пет пати ја освои шампионската титула во Англија со Манчестер Сити на кого му го донесе првиот толку чекан трофеј во 2012-та.  Со „граѓаните“ ги крена сите можни пехари во англискиот фудбал (шест Лига Купа, 1 ФА Куп, три Суперкупа на Англија) а најдраги му се оние од Копа Америка 2021 со својата Аргентина и Олимпијада 2008. Кун може да жали единствено што не го освои пехарот во Лига на шампиони.

Голот кој Агуеро го постигна во 93’ минута во последното коло од Премиер лига 2011/2012 за победа 3:2 против КПР и шампионска титула за Сити чекана цели 44 години ќе се памети засекогаш:

„Тоа е најважниот гол во мојот живот. Често го гледам пак мечот, со семејството, со син ми. Мислам дека тој гол ќе ми остане во глава до крајот на животот“.

Навивачите на Манчестер Сити во самиот зачеток на богатата ера со шеикот на чело на клубот, првата титула ја освоија во 2009/2010. Кога ќе ги прашате навивачите на Сити кој им е најсреќен момент во животот, тие знаат да одговорат кратко: „93:20“.

15 декември 2021 - 13:12