„На плоштад ќе направам голема торта ако се пласираме на Светско“

Елиф Елмас, македонскиот дијамант поради суспензија од жолти картони нема да игра во баражот со Италија, но се надева дека неговите другари ќе му овозможат голем мегдан против победникот од дуелот Португалија - Турција.

Елиф Елмас беше автор на најважните голови во квалификациите за пласман на Светско 2022. Прво во чудесниот триумф против Германија на гости а после два ефектни против Исланд за три бода со кои завршивме втори во група и се изборивме за бараж.

Во репортажа од УЕФА ТВ, Елмас вели:

„Секогаш кога ќе добијам повик за репрезентацијата на Македонија едвај чекам со срце да дојдам да играм. Дај Боже да се пласираме на Светско, со задоволство и без проблем ќе направам торта. Ако треба на плоштад ќе направам голема торта, само да се пласираме на Светско првенство“.

Семеен бизнис на семејството Елмас, уште одамна е познатата слаткарница Мандарина во скопската населба Автокоманда. Таму Елмас понекогаш со голема љубов помагал во изработка и служење на слатките.

„Секогаш се трудам да научам, гледам, зошто занаетот е многу важен и некогаш ќе ти притреба во животот“, додава ѕвездата на Наполи.

Елмас по заминувањето на Пандев во заслужена пензија е новиот предводник на генерацијата која направи историски успех со пласман на прво Европско првенство/

Eлмас во коментар го пецна Инсиње пред мечот со Италија

22 март 2022 - 18:07