На Манчестер му фали капитен борец

Во минатото „црвените ѓаволи“ имаа не баш малку капитени со силен, цврст карактер. Таков лидер денес нема во екипата која сезонава ја предводеа шест различни капитени.

По натпреварот против Брајтон, Жозе Мурињо одново ги критикуваше своите играчи кои ги обвини за безкарактерност. Португалецот се фати и за капитенот Антонио Валенсија. Еквадорецот е доволно жесток играч но кога ситуацијата на теренот бега од контрола, во екипата нема човек способен врз себе да ја преземе улогата лидер и да ги реши проблемите.

Капитенската лента на Манчестер ја носеа многу великани: Рој Кин, Вејн Руни, Рио Фердинанд, Немања Видиќ. Сите тие станаа легенди на клубот. Повеќето од нив играа по централната линија од теренот - идеална позиција за да издаваш команди и да ја покренеш екипата во бој.

Брајан Робсон, познат како „Капетан Марвел“ важел за еден од најхрабрите лидери на Манчестер Јунајтед. Тој сметал дека должноста капитен на екипата му помогнала да стане подобар играч отколку што бил претходно:

„Некои играчи тврдеа дека откако добиле капитенска лента чуствувале поголем притисок. Одговорноста за другите играчи им сметала да се посветат на својата игра, а некои пак се недоволно сигурни во себе за да бидат лидери. Мене таа улога ми одговараше многу и се пронајдов во неа“, рекол легендарниот фудбалер на Манчестер Јунајтед.

Со заминувањето на Алекс Фергуон борбениот дух на екипата почна да опаѓа, и Јунајтед се повеќе има потреба од таков играч како Робсон. Се сменија неколку тренери но на терен не се појави лидер.

Во тековнава сезона шест играчи ја предводеа екипата како капитени: Валенсија, Ешли Јанг, Пол Погба, Крис Смолинг, Златан Ибрахимовиќ и Мајкл Карик. Сите тие се доволно почитувани играчи, но кога не оди како треба на теренот, кај нив има расеана одговорност.

По преминот на Вејн Руни во Евертон, капитен стана Валенсија кој во август лани наполни 33 години. Тој потег беше изненадување. Тивок и срамежлив, каков што го опишуваше Фергусон, Еквадорецот е многу популарен на „Олд Трафорд“, но тој не зборува добро англиски иако е во клубот веќе неколку години. Не зборуваше добро англиски ниту кога му ја доделија наградата „Најдобар играч во избор на фудбалерите“ што е највредна награда од колегите.

Кого уште можел да бира Жозе Мурињо? Пол Погба? Минатата сезона Французинот имаше најмногу време на теренот од сите други играчи. По враќањето на „Олд Трафорд“ во 2016-та, нему му кажале дека тимот ќе се гради околу него. Погба станал лидер во соблекувалната и пример за младите играчи кога Руни замина а Златан паузираше поради повреда.

Но Мурињо имал друг план за Пол. Тој сакал Французинот да се посвети на сопствената игра.

Лидерски карактеристики му припишуваа и на Андер Ерера но тој почесто е на клупата. Сезонава Шпанецот почна само осум натпревари како стартер. Можно е Хуан Мата да биде лидер или третиот Шпанец Давид де Хеа којшто во моментов е можеби најдобар голман на свет. Но Де Хеа не сака многу да зборува со новинарите и да излегува на прес а тоа е една од обврските на капитенот.

Мајкл Карик има заслужен авторитет но има и 35 години па практично и да не игра. Затоа лентата му ја дале на Антонио Валенсија, десниот бек.

Капитен не е само назив. Претходните лидери на Јунајтед решавале многу проблеми во екипата. Играчите со нив ги споделуваат личните и приватни проблеми. Капитенот најчесто е врска меѓу теренот и управата. Тој може да се интересира за продажбата на карти за VIP ложата како на пример Рој Кин којшто секогаш се интересирал за тоа прашање и често објаснувал како он би ги распределувал тие карти.

Еден од капитените пред Робсон, Мартин Бакен исто контролирал кој влегува во VIP ложата на „Олд Трафорд“ која според него била само за заслужни членови на клубот.

Рој Кин беше сигурен во себе и успешно се носеше со своите обврски на теренот. Ирецот знаеше како да ја поведе екипата во битка дури и кога губеа 2-0 од Јувентус во полуфиналето на ЛШ. Тој не бил дипломат и вешт говорник но него го избрале за капитен зошто бил најхрабар и тоа пазете во каква конкуренција: Денис Ирвин, Питер Шмајхел, Гери Невил, Гери Палистер.

Во тимот тогаш имало многу личности какви што денес нема.

Јунајтед неодамна беше поразен од Севиља кога најмногу му требаше предводник на теренот но не го најдоа зошто Валенсија беше заменет. Пред мечот во Шпанија Антонио се обратил на пресот и секој пат давал кратки и отсечни одговори.

Никој не ја намалува неговата заслуга за тоа што го прави за екипата во улога на капитен но малку е чудно да не знае да збори англиски после цели десет години на Островот. Валенсија според возраста брзо ќе го напушти Манчестер па клубот ќе треба да бара нов капитен. Дали тоа ќе биде Пол Погба, Ерик Баји или Ромелу Лукаку?